Тамифлу од денес ќе се продава и во аптеките
Тамифлу може да се продава и во аптеките и пациентите ќе можат да го купат доколку им го препише матичниот лекар, а сите оние што ќе го добијат лекот од страна на инфектолог ќе го добијат бесплатно во рамки на своите одделенија, лекарите ќе можат да дадат боледување за сите пациенти со симптоми на грип без дополнителни испитувања со цел да можат да бидат изолирани дома и да не го шират вирусот, ова се дел од одлуките донесени на состанокот на Комисијата за пандемски грип.
Министерот за здравство Бујар Османи, кој ги презентираше одлуките, рече дека контактирал со директорот на „Новартис“, не добиле точен датум кога ќе пристигнат вакцините, иако се прават максимални напори да се испочитува тоа што е ветено.
– Објаснувањето е дека продукцијата на вакцините е 30 проценти од таа што е предвидена заради бавната репликација на вирусот, а проценките се направени врз основа на вакцината за сезонски грип. А овој вирус се реплицира само 30 проценти со таа брзина колку што се реплицира сезонскиот грип за да можат да произведуваат вакцини. Веќе разговараме за други алтернативи со наши пријателски држави, потенцира Османи.
Во однос на препишувањето тамифлу тој укажа дека се препорачува инфектолози да го препишуваат и оти тоа ќе биде овозможено во сите одделенија во државата.
– Ако матичниот лекар процени дека може да се земе тамуфлу, а пациентот не треба да биде сместен во болница тоа да го овозможиме. Тамифлу ќе биде достапен за сите пациенти во градовите. Матичните лекари нема да препишуваат тамифлу ако нема индикации. Државата има доволно количини тамифлу, рече Османи.
Тој истакна дека на состанокот станало збор и за вчерашниот случај на починатиот 32-годишен пациент на Клиниката за инфективни болести-епидемиолошката слика, историјата на болеста, развивањето на симптомите и мерките преземени на Клиниката, како и други прашања во однос на еволуцијата на пандемијата.
– Комисијата заклучи дека се работи за пациент кој не спаѓа во ризичните групи и оти се преземени сите мерки кои ги предвидуваат постоечките медицински протоколи и законски одредби. Третирани се сите контакти во најблиското семејство и ставени се во привремен превентивен карантин додека не поминат деновите на можна зараза. Посебна комисија го испитува целиот случај и откако ќе ги анализираме информациите ќе донесеме заклучно, нагласи Османи.
Фондот за здравствено осигурување, посочи тој, се согласи со измена на одредбата матичните лекари за сите пациенти со респираторни симптоми и оние слични на грип да можат да дадат неограничен број упати со цел да се олесни упатувањето на сите пациенти со симптоми до инфективните одделенија во државата и Клиниката во Скопје.
Комисијата заради зголемување на капацитетите на болниците за сместување на пациентите кај кои е потврден новиот грип одлучи да се подготви инфективното одделение при Воената болница, за прифаќање на полесните случаи за да може Клиниката да се концентрира на потешките случаи. Активирани се и инфективните одделенија во општите болници во државата.
Директорот на Инфективната клиника во Скопје, Звонко Миленковиќ рече дека на Клиниката лежат 38 пациенти потврдени и сомнителни на новиот грип од типот А (Х1Н1). Од нив 24 се со компликации од типот пневмонија (воспаление на белите дробови) со потешка клиничка слика.
– До вчера имавме четири исклучително тешки пациенти кои беа предмет на интензивен третман на одделите за интензивно лекување на Клиниката. Во овој момент имаме еден пациент со тешка клиничка слика кој е приклучен на респиратор. На два од пациентите со тешка клиничка слика таа им е стабилизирана и се чувствуваат подобро и ќе бидат префрлени на редовните оддели со изолација за ваков третман. Починатиот пациент е примен на Клиниката со крајно тешка клиничка слика по што е хоспитализиран со силно изразена бронхопневмонија со засегање на срцевиот мускул, модрило по кожата, недоволен проток на кислород итн, истакна Миленковиќ.
Процентот на пациенти кои се хоспитализираат на Клиниката со хронични болести се зголемува. На Клиниката се хоспитализирани четворица пациенти со хронична кардиоваскуларна болест, тројца се со хронична респираторна болест, тројца со хронични невролошки болести, хронична бубрежна болест. На Клиниката се третираат седум пациенти на возраст до 36 месеци.
Одговарајќи на новинарско прашање како матичните лекари ќе проценуваат на кого ќе препишуваат тамифлу, Миленковиќ рече дека проценката за лекување на пациентите е дека се лекуваат и оние кои не се во ризичните групи но се со тешка клиничка слика. Матичните лекари, посочи тој, ќе ги селектираат на домашно лекување случаите со лесна клиничка слика и тие ќе бидат под негов надзор.
– За тешките случаи кај кои третманот е ургентен и резултатот од Институтот за јавно здравје е неопходен тие треба веднаш да добијат информации во рок од неколку часа. Има и такви кај кои се земени резултати во период од неколку дена наназад кај кои немаме ризични групи па со цел да не дозволиме неповолен исход кај овие лица се дава некаков приоритет. Сите кај кои се земени анализи ќе бидат предмет на довршување на таа дијагностика и ќе бидат навреме известени, додаде Миленковиќ.
Министерот Османи истакна дека Институтот за јавно здравје прави приоритетни листи според тежината на симптомите на пациентите.
{loadposition content9}