Еден ден во репроцентарот на елените во НП Галичица
Чистиот планински воздух и прекрасната снежна глетка на надморска височина од 1600 метри на локалитетот „Косто Бачило“ во Националниот парк „Галичица“ ја надополнуваат моќта и убавината на природното богатство со кое изобилува планината.
Се искачивме од страната на Стење, село во Општина Ресен вгнездено во источното подножје на планината Галичица. За време на патувањето по ново-направениот планински пат Галичица не плени со сета своја раскош. Магловито утро, но сепак пријатно и свежо. Поради снегот патувањето до Центарот за репродукција на елени, го продолживме со специјално теренско возило за движење по снег.
Репродуктивниот центар е место каде живее Европскиот елен кој со својот оригинален и привлечен изглед го носи епитетот „Крал на шумите“. Тој е вистинска атракција на Галичица.
Eленoт се врати во Националниот Парк во 2019 година по неколку децении пауза, кога речиси беше доведен до работ на истребување.
Репро-центарот е опремен со модерна инфраструктура карантин, хранилишта, поилишта, солишта и набљудувачници. 90-те хектари се оградени со две и пол метарската жичена ограда која ги штити елените од опасностите од дивиот и суров свет.
Лазе Ужановски, одговорен на Репро-центарот, како ренџер работи долги години. Ги познава сите карактеристики на ова животно за кое вели дека е фасциниран од неговото достоинство и грациозност. Елените како да се навикнале на него. Тој е еден од ретките кој воспоставил таков однос со нив, да може за миг да им се приближи.
Се наоѓаме во Репродуктивниот центар за одгледување на Европски еленили Горски елен во Национален парк Галичица на 1 600 метри надморска висина на локалитетот „Косто бачило“. Четврта година по ред е каде се одгледува Европскиот елен. Започнавме со 24 женки и 6 мажјаци. Во моментов имаме околу 100 единки, а очекуваме и оваа година да имаме принова, односно околу 50 млади елени и ќе постигниме бројка од 150. Планираме за оваа година дел да се пуштат во природа – вели Лазе Ужаноски, ренџер.
Во тој безбеден за нив простор елените развиле совршено чувство кога треба да дојдат до местото за прихрана, но и страв при најмал шум да избегаат. Моментално стадото во оградениот простор во Репродуктивниот центар брои 100 единки.
Во објектот за складирање има кабаста и зрнеста храна доволна за цела година. Ренџерите секојдневно ставаат храна во хранилките.
Александар Гугоски, најмладиот ренџер во заштитените подрачја во државата е голем љубител на планината. Со гордост во гласот се чувствува како раскажува за работата која ја извршува со љубов, а елените ги сака поради особено нагласената убавина.
Во периодот од седум часот до осум имаме координативен состанок со раководителите, добивање задачи по што следи заминување на терен. Секој ренџер го знае времето на почеток на неговото работно време, но не го знае и крајот. За мене работата како чувар или ренџер во Националниот парк претставува обврска и приоритет за заштита и подигнување на едно високо ниво на заштитата на нашите предели. Секој ден на секој ренџер е различен, динамичен – вели Александар Гугоски.
Националниот парк Галичица е прогласен во далечната 1958 година и оттогаш до ден денес функционира службата за заштита или таканаречената ренџерска служба која има за цел да врши заштита на природата и природните вредности во Националниот парк.
Јас и моите колеги ренџери сме поделени во неколку реони со цел да вршиме заштита на природата од противправни дејствија како што се дрвокрадство, ловокрадство, узурпација на државно земјиште, дивоградби кои во поново време се позачестени, отуѓување на минерали од границите на Националниот парк, како и заштита од собирање на билки – додава Гугоски.
Ренџерската служба секојдневно е во посета на репро-центарот каде ги извршува потребните активности. Покрај прихраната на елените се прави и проверка на оградата поради нивната благосостојба и безбедност, а поставен е и систем на видео надзoр.
Имаме заградена површина од 86 хектари оградена со дрвени колци, метална ограда која изнесува околу 5 километри. Тука сме на место каде во зимски период ја извршуваме прихраната на елените поради временските услови и снегот. Секој ден ни почнува со прихрана на елените со житарици и дел сува трева, сено. Во Репро-центаров имаме и надворешни, од дивина мажјаци кои се влезени во време на парење и кои и ден денеска се тука – додава Ужаноски.
Со години наназад тревните екосистеми во Националниот парк Галичица се загрозени од напуштање на пасиштата. Со враќањето на Европскиот eлен на падините на Галичица, се овозможува природен циклус на испаша, зачувување на природните карактеристики на високо-планинските пасишта, како и поголема заштита од пожари бидејќи пасиштата нема да бидат обраснати со високи треви.
На заминување ренџерите ги направија сите потребни проверки за да бидат сигурни дека елените се безбедни да ја поминат ноќта во Центарот до следното утро кога повторно ќе дојдат за да им дадат прихрана.
Новинар : Соња Рилковска