Skip to main content

Калишко поле

Почна пролетното спалување на трската во струшко

Нова пролет стари проблеми во струшко. Почна спалувањето на трската во Калишко поле. Изминатава недела евидентирани се два пожари при што е уништена поголема површина на трска. Еколозите алармираат со години. Се уште го нема најавениот видео надзор и ренџерска служба за заштита.
 |  инфодеск  | 
Трска Струга Калишта

Повторно опожарена голема површина на трска во струшко. Изминатава недела евидентирани се два пожари на локалитетот Калишко поле, покрај крајбрежието, каде интервенираше противпожарната единица.

Деградацијата се повторува секоја пролет, пред почетокот на туристичката сезона, од страна на  несовесните граѓани, кои заради профит, изградба на плажи и узурпација го уништуваат природниот биодиверзитет на Охрдското Езеро.

Трска Струга Калишта

Трската во континуитет се спалува, гледаме дека на површините се истура градежен шут. Она што најмногу ни пречи е тоа што не станува збор за приватно земјоделско земјиште, туку станува збор за државно земјиште – вели Никола Кукунеш, граѓански активист.

Никола Кукунеш

Се уништуваат мрестилиштата на краповидните риби, а птиците исчезнуваат напуштајќи ги спалените гнезда. Еколозите алармираат, се уште го нема најавениот видео надзор и ренџерска служба за заштита.

Иницијативите се однесуваа и за поставување на видео надзор и за поставување на некаква ренџерска служба која што барем во периодот додека се случува палењето на трската ќе бидат присутни на терен. Од друга страна беше поднесена и иницијатива за дислокација на градежниот шут – додава Кукунеш.

Трска Струга Калишта

Уништувањето на трската е една од забелешките на Унеско. Еколозите ги повикуваат инспекциските служби да преземат итни мерки.

Трска Струга Калишта

Новинар : Соња Рилковска