Несекојдневните подвизи кои Марко Пејчиновски ги реализира летото 2022 год, оставајќи свој траен белег во историјата на Охрид и Охридското Езеро, се поместени во монографијата „Одисеја 2022“.
Неговиот успех преку фотографии, официјални сертификати со кои беше ратификувано секое од пливањата, како и видување на сите оние кои, секој на свој начин беа дел и сведочеа за подвизите на Марко, се претставени на 90тина страни.
Достигнувањата на ова шеснаесет годишно момче кое не ги признава границите на човечките можности, заслужуваше да биде овековечено низ страниците на една ваква монографија.
„Со една единствена цел, како што и самиот Марко вели: „Да оставам трага во времето“, спонтано, оваа монографија го доби својот конечен изглед претставена преку сертификатите, фотографиите и видувањата на личности кои секој на свој начин беа сведоци на овие несекојдневни подвизи.“ – се вели во предговорот на монографијата.
Првичната замисла била, десетте сертификати кои на Марко, му ги додели Светската Асоцијација за Пливање на Отворени Води (WOWSA), ратификувајки ги сите препливувања како успешно реализирани според нивните прецизно поставени критериуми, да бидат дел, од еден единствен уникатен албум, кој би останал во кругот на семејството. Но со текот на времето, таа замисла се проширила, со идеја покрај сертификатите да бидат вметнати и фотографии кои ќе сведочат за секое од пливањата, како и со изјавите на Марко и официјалните набљудувачи, преку нивните впечатоци за тоа како го доживеале секое од нив.
На вчерашната промоција охриѓани во рацете држеа хронологија на признанија, фотозаписи и впечатоци за Марко Пејчиновски, младото момче кое сакајќи само да плива и даде второ име на храброста.
Историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе претставувајќи ја книгата кажа дека „Одисеја“ го опишува херојството на Марко низ далгите кои што живот значат.
„Навистина трепери срцето кога треба да се претстави едно дело во кое пренесени натчовечките напори на нашиот Марко. Кога го перципирате ова дело, можете да го поделите на два дела. Едниот дел е она што навистина претставува спортски и натчовечки потфат кој го прави Марко во текот на неговото препливување на Охридското Езеро. Тоа не е мала работа. За неговите потфати сите знаеме. Меѓутоа вториот акцент на оваа книга е доста значаен, а тоа е филозофијата на животот. Кога ќе ги читате меѓу редови напишаните убави зборови од неговиот родител, ќе сфатите дека всушност Марко, препливувајќи го Охридското езеро, со секој завеслај, тој укажува на еден копнеж. Со секое земање воздух, тој се надева дека ќе ја направи и оваа препрека надминлива. „ – кажа на промоцијата историчарот и архивист Никола Митровиќ – Бабе.
Марко во своето кратко обраќање пред присутните се заблагодари на својот тим за поддршката и упати порака до сите кои ги следеа неговите подвизи.
„Оваа монографија е инспирација за секого. Да веруваме во своите способности и да ги доживееме своите успеси. “ – кажа Марко Пејчиновски.