Skip to main content

Лекарска комора

Одземена лиценцата на ТикТок анестезиологот

Седум години нема да може да работи како доктор, анестезиологот Ваљтон Дервиши, кој на социјалната мрежа ТикТок снимаше и емитуваше пациенти и медицински персонал.
 |  инфодеск  | 
Анестезиолог

Одлуката за времено одземање на лиценцата за работа на анестезиологот д-р Ваљтон Дервиши, кој снимаше и на социјалната мрежа ТикТок емитуваше пациенти и медицински персонал, ја донесе Судот на честа при Лекарската комора кој заседаваше денеска.
Специјалистот анестезиолог нема да смее да работи во струката седум години, што согласно правните прописи е максимална казна што може да се изрече за етички прекршок во работењето.

„Судот на честа утврди дека докторот сторил повреда на Кодексот на медицинска деонтологија на ЛКРСМ, како и Меѓународниот кодекс на медицинска етика. Докторот на медицина својата професија треба да ја врши совесно и одговорно со почитување на човековото достоинство. Тој е должен да ги почитува и штити правата на пациентите и да ја чува нивната доверба и тајност на медицинските податоци. Почитување на етичките норми е најважната основа на која лекарите секојдевно ги практикуваат своите стручни знаења во областа на медицина и ги лекуваат пациентите. И најстручниот лекар не е доволно добар лекар ако не ги почитува етичките норми и правила.“- велат од Лекарска комора на РСМ
Од Лекарската комора велат дека нема да дозволат угледот на докторите да биде загрозен од неодговорно однесување на поединци во фелата.

Основното јавно обвинителство Тетово до Основниот суд во Тетово на 22 април поднесе Обвинителен предлог против анастезиологот за кривични дела – Несовесно работење во службата од член 353-в став 2 во врска со став 1, како и Неовластено снимање според член 152 став 2 од Кривичниот законик.