Кампања за вакцинација „од врата до врата“
По повод Европската недела на имунизација 2023, Министерство за здравство започна со теренски активности во рамки на широка кампања за промовирање на имунизацијата, што се реализира заедно со Светска здравствена организација и со финансиска поддршка од Европската Унија.
Со кампањата ќе бидат опфатени 20 општини, каде е регистриран понизок опфат на вакцинација на деца согласно календарот за задолжителна имунизација, како и вакцинација против Ковид-19.
Над 30 тимови од медицински лица од здравствените домови во државата одат „од врата до врата“, во посета на семејства каде има невакцинирани лица.
Тимовите ги информираат семејствата за придобивките од имунизацијата, делат промотивен материјал и во договор со родителите имаат можност да закажуваат термини за вакцинација од редовниот календар за имунизација.
Кампањата ќе трае до крај на месец мај ( пет недели) и се планира да бидат посетени над 2.900 семејства.
Во рамки на кампањата, постарите лица над 60 години имаат можност на лице место да примат поливалентна вакцина против Ковид-19 како бустер доза.