Една деценија НАТГ „Аматер“
Независната аматерска театарска група „Аматер“ од Охрид одбележува една деценија постоење. Приказната која започна пред 10 години од четворица матуранти ентузијасти, успешно продолжи до денес. По повод годишнината, премиерно ќе ја изведат театарската претстава „Чернодрински се враќа дома“ на текст на Горан Стефановски.
„Пред неколку години сакавме да ја спремаме оваа претстава, но заминавме во друг правец, но во вистинско време испадна шансата да ја спремиме оваа претстава, текстот „Чернодрински се враќа дома“ баш за овој јубилеј, десетти, бидејќи има многу симболика, и самиот текст, и Чернодрински како деец, како основоположник, најзаслужен за театарот и драмата во Македонија. Текстот е од авторот Горан Стефановски, за мене најголемиот драматург во Македонија.“– кажа на денешната прес конференција Јован Цветкоски.
Режијата е на Јован Цветкоски, а улогите ги играат Томе Укоски, Леа Новеска-Цекиќ, Димитар Назифоски, Јован Цветкоски, Илија Трале Левески, Глигор Велјаноски и Ема Алекс.
„Чернодрински се враќа дома“, драмскиот текст е 14 слики, 1 слика беше отфрлена за потребите на оваа претстава, така да, имаме 13 слики, 13 посебни сцени и сите од актерите играат повеќе улоги. За нас е уште поголем предизвик да пробаме да доловиме повеќе улоги, повеќе од една. Исто така има доста промена на костимографија, промена на сценографија, шт беше еден дополнителен предизвик за нас, како актерска екипа.„– кажа Томе Укоски.
Претставата Чернодрински се враќа дома членовите на Независната аматерска театарска група „Аматер“ ја подготвуваа 3 месеци, со многу љубов, ентузијазам, енергија и желба и се надеваат дека ќе ја одиграат уште многу пати.
„Покрај идеите и желбите за играње на оваа претстава уште неколку пати пред охридската публика, ние имаме план, да ја поставиме истата претстава и во некои други градови од Македонија. Секако, дополнително ќе известиме за било кој од тие планови кога ќе се реализираат и ќе биде време да ги најавиме.“ – најави Леа Новеска Цекиќ.
Премиерата на претставата е закажана за утре, 26ти април, со почеток од 20:00ч, на малата сцена при НУЦК „Григор Прличев“ – Охрид.