Започна обединувањето на МПЦ-ОА со ПОА на Вранишковски
Денеска почнува процесот на интеграција на Македонската православна црква – Охридска архиепископија (МПЦ-ОА) и Православната охридска архиепископија (ПОА) соопшти портпаролот на МПЦ, митрополитот Дебарско-кичевски Тимотеј по завршување на седницата на Светиот архиерејски синод.
„Одлуките се носеа главно едногласно, без никакви издвојувања, и денеска почна процесот за интеграција на ПОА во МПЦ-ОА“, изјави владиката Тимотеј и додаде дека одлуките не може да се соопштат за јавноста затоа што е потребно да се усогласат со Српската православна црква.
Откога одлуките ќе ги усогласат со Српската православна црква, МПЦ ќе објави кои епархии се доделени на владиците од ПОА на Јован Вранишковски. Целосната интеграција на МПЦ и ПОА, се очекува да се случи за време на Соборот на СПЦ, кој треба да почне на 14 или 15 мај.
Владиката Тимотеј уверува дека за менување на името на црквата на денешната седница не станало збор. Тој тврди дека останува името Македонска православна црква-Охридска архиепископија.
Поглавар на ПОА беше владиката Јован Вранишковски кој што се одвои од МПЦ во 2002 година и се изјасни дека е за канонско единство со Српската православна црква. Синодот на МПЦ го сметаше Вранишковски за „расколник“ а неговата црква за нелегитимна. За регистрацијата на ПОА како црква во земјава се водеше и спор пред судот за човекови права во Стразбур