Кривични пријави за трговците кои не го почитувале замрзнувањето на цените
Кривични пријави за трговците кои не ги почитувале владините одлуки за замрзнувањето на цените и за изложување на залихите во продажба до 70%, најави Министерот за економија, Крешник Бектеши.
Во текот на вчерашниот ден биле оземени над 15 тони овошје и зеленчук од страна на надлежните институции, пришто поднесени се прекршочни пријави и за управителите на Кванташки пазар. Казни има и за увозници на овошје и зеленук, како и компании кои се занимаваат со малопродажба, посочи министерот.
Бектеши ги обелодени и имињата на некои од поголемите маркети кои ја прекршувале владината одлука и продавале по повисоки цени од утврдените и не изложувале производи во продажба како што се КАМ, Веро, Кипер, Стокомак, Тинекс.
„Во петок јавно ќе се покренат кривични постапки“- кажа Бектеши.
Овошјето и зеленчукот што вчера инспекторите на Државниот пазарен инспекторат (ДПИ) го запленија од нерегистрираните трговци на Кванташкиот пазар, е донирано во установи и болници каде што истото е најнеопходно, соопштија од Агенцијата за управување со одземен имот по вчерашната заедничка акција со ДПИ, Управата за финансиска полиција и Министерството за внатрешни работи.