Четирите продолжени празнични викенди во април навестуваат плодна туристичка сезона. Голем број гости го посетија главниот туристички центар. Покрај домашните, изминатиот продолжен викенд забележително беше присуството на туристи од соседството. Најбројни пролетва се групите од Србија, Албанија, Грција и Бугарија.
Хотелиерите очекуваат најголема исполнетост за престојниот Првомајски продолжен викенд.
„Очекуваме доста солидна исполнетост, како и секоја година претходно. Хотелските капацитети ќе бидат исполнети сигурно, така што се надеваме на добар прилив на гости. Можам да кажам дека кај нас е се резервирано, а верувам и кај останатите хотлеиери и угостители” , вели Маријан Трпески менаџер на хотел.
Според хотелиерите без оглед на енергетската криза и инфлацијата цените на аранжманите се поволни и атрактивни, Охрид и натаму е најевтина дестинација на Балканот.
„Цените се мислам едно мало недоразбирање, најчесто критики имаме од македонските туристи. Во други земји се сместуваат во приватни капацитети, кај нас во хотели а очекуваат во хотел цената да биде иста како во приватен смештај во некоја друга земја. Но разликата е самата услуга и локацијата на објектот. Ние сме една од поевтините дестинации особено во регионот на Балканот”, додава Трпески.
Покрај традиционалните гости од Холандија, Полска, Англија, Шведска и балканските тури од Блискиот исток, ова лето на брегот на Охридското Езеро се очекуваат гости од Англија, Италија и САД.
Новинар Соња Рилковска