Skip to main content

70-то Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација

Поповиќ: „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот

Фестивалот „Охридско лето“ на високото 5то место меѓу 140 фестивали, членки на Европската фестивалска асоцијација. Директорката Наташа Поповиќ, изминативе четири дена ги презентираше успесите на фестивалот Охридско лето, на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија, во чии рамки се одржа и 70тото Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација (ЕФА).
Поповиќ

70тото Генерално собрание на Европската фестивалска асоцијација се одржа во рамки на Самитот на уметнички фестивали во Гирона, Шпанија. Пред првите луѓе на ЕФА и над 300 делегати и претставници на најдобрите европски фестивали, директорката на НУ „Охридско лето“ Наташа Поповиќ, зборуваше за богатата историја на фестивалот, во градот кој е духовен центар на македонската култура.

„Културата, уметноста и традицијата го опишуваат кодот на секој народ и зборуваат за неговото постоење низ вековите, неговата посебност и специфичност. Токму „Охридско лето“ е кодот на културата на Балканот, најголемиот промотор на соработка на новата визија на иницијативата „Отворен Балкан“ која отвора нова култура. Фестивалот „Охридско лето“ е специфичен и посебен, препознатлив и единствен на нашите простори, како еден од најистакнатите културни настани во Европа и светот, фестивал со вековна отвореност кон културите создавајќи духовна интеракција во размената на светските добра.“, кажа во својот говор директорката Поповиќ.

На четиридневниот собир во Гирона и Паралада, Поповиќ оствари и бројни средби на кои беше потенцирана улогата на уметноста, фестивалите и фестивалските чинители во општеството. „Охридско лето“ сo секое фестивалско издание се качува скалило погоре во светот на уметноста, а потврда за тоа е високото петто место меѓу 140 фестивали, членки на ЕФА.