Skip to main content

Поништен Огласот за издавање куќарки за продажба на храна и сувенири на Кеј Македонија

Типизирани куќарки ќе има, но ќе се преиначи Огласот за нивно издавање

Продажбата на храна од типизираните куќарки на Кеј Македонија за некои добро за други лошо решение. Дел од граѓаните го оправдуваат затоа што дава можност за заработка во летната сезона, други пак негодуваат дека локацијата е несреќно решение и улицата се претвора во панаѓур. Тоа е прашање на различни вкусови на граѓаните, но издавањето на урбана опрема за продажба на храна на кеј Македонија , за познавачите на правото, е проблематично од аспект на законитоста и се коси со Законот за Угостителска дејност.
 |  инфодеск  | 
типизирани куќарки

Во туристички Охрид постојано е актуелна темата за панаѓурскиот изглед на Кеј Македонија за време на летната сезона. Дел од граѓаните негодуваат дека на најголем дел од урбаната опрема не и е местото тука. На други не им смета и додаваат дека на лето треба да се заработува. И ова лето на Кеј Македонија ќе се издаваат типизираните куќарки за продажба на храна , пијалоци и сувенири. Граѓаните со поделени мислења за тоа.

„Мене лично не ми се допаѓа локацијата покрај езеро. Не знам дали грешам. Никаде не им е местото, има продавници, ама од друга страна треба некој и да заработи“- вели скопјанка.

„Некаде треба да бидат лоцирани. Луѓево треба нешто да работат, секој сака да заработи за да може да ја помине зимата. За мене е во ред , ама можда малу потака после Палас. “– вели охриѓанец.

Но не е проблемот само во тоа што Охрид никако не успева да го надмине панаѓурскиот изглед во сезона, што е можеби и прашање на вкусови , за некои добро, за други лошо, туку издавањето на урбана опрема за продажба на храна е проблематично и во поглед на легислативата.

Познатиот охридски адвокат Драган Гоџо, реагира со допис до ТВМ дека Огласот за издавање урбана опрема за продажба на храна е незаконит и спротивен на Законот за угостителска дејност.

Право да учествува на огласот има секое правно лице со регистрирано деловно седиште во општина Охрид и физичко лице жител на Охрид. Во реакцијата до ТВМ, Гоџо наведува членови од законот (Член 4-а) според кои Физички лица можат да бидат угостители само ако издаваат куќи, апартмани, соби.

„Угостителски услуги не смеат да се даваат во киосци, туку само во подвижни објекти ( на сопствен погон или влечно ) (Член 41) пришто Градоначалникот може да определи локации за подвижни објекти само за време на саеми, панаѓури или други манифестаии. Во центар на Охрид нема такви настани преку цело лето.“, -посочува адвокатот за ТВМ.

Издавањето на типизираните куќарки за продажба на храна на Кеј Македонија е проблематично и од други аспекти. Адвокатот наведува дека закупец може да биде и продавач на храна кој нема регистрирана фирма, ниту се регистрирани за вршење угостителска дејност, киосците немаат минимални хигиено технички услови за подготовка на храна, какви што се бараат од угостителите, не се издаваат фискални сметки со што се врши даночно затајување поттикнато од Општината.

И на крај, не помалку важен е моментот дека се создава нелојална конкуренција на угостителите.

Дел од сопствениците на угостителски објекти на Кеј Македонија, кои ги контактиравме во врска со оваа тема, велат дека генерално се за поставување урбана опрема типизирани куќарки, но само за продажба на сувенири, а не и за храна, како и тоа дека треба да се одреди друга посоодветна локација.
Нивните главни забелешки за сегашното решение се однесуваат пред се на хигиенските услови за подготовка и ракување со храна како и попречување на визурата на кејот односно на видикот од нивните објекти. Притоа потсетуваат дека тие работат 365 денови во годината и плаќаат давачки кон општината, а закупците на урбаната опрема работат само во сезона на шеталиштето. Сметаат дека локалната власт треба да размисли за посоодветна локација каде со вакви типизирани објекти за сувенири ќе се додаде содржина за гостите во Охрид и кои ќе работат преку целата година.

Инаку, куќарките се издаваат по пат на електронско јавно наддавање, врз основа на објавен оглас од страна на ЈП Градски Пазар.

Во врска со овие забелешки за законитоста на огласот ТВМ побара став, коментар од Општина Охрид и ЈП Градски пазар пред една недела, но до денес не добивме никаков повратен одговор.

Денес, од ЈП Градски пазар информираа дека Огласот за издавање урбана опрема за продажба на храна и сувенири на Кеј Македонија се ПОНИШТУВА, согласно заклучокот и одлуката на УО на ЈП Градски пазар-Охрид. Неофицијално, огласот е поништен поради увидени неправилности и се очекува објава на нов оглас по скратена постапка.
Граѓаните кои веќе поднеле пријави ќе бидат телефонски известени за периодот кога ќе може да ги подигнат документите со кои аплицирале.