Skip to main content

Своевиден омаж за Чернодрински и Стефановски

Волшебна изведба на „Чернодрински се враќа дома„

НАТГ Аматер покажаа зрела театарска игра на текст на големиот Стефановски кој е предизвик и за професионалните театри. „Сме го создавале театарот од љубов кон него и сме играле со љубов за него и ќе продолжиме тоа да го правиме.“ – порачуваат од Аматер.
НАТГ Аматер премиера

Изведба на НАТГ „Аматер“ на „Чернодрински се враќа дома“ по текст на Горан Стефановски достојна за почит. Претставата ја одиграа премиерно по повод 10 години од нивното постоење како Независна Аматерска Театарска Група, но се надеваат истата да доживее уште изведби.

„Им се заблагодаруваме на сите кои беа присутни во публика и за повратната енергија и реакции кои ги добивме на сцената и по завршувањето на претставата! Се заблагодаруваме на целосната екипа која работеше на овој проект во претходните 3 месеци, актерската екипа, техничка екипа, музика итн.“ – велат од НАТГ Аматер.

Томе Укоски, Леа Новеска-Цекиќ, Димитар Назифоски, Јован Цветкоски, Илија Трале Левески, Глигор Велјаноски и Ема Алекс покажаа зрела театарска игра на текст на големиот Стефановски кој е предизвик и за професионалните театри.

„ Сакавме преку овој текст да упатиме своевиден омаж на Војдан Чернодрински основоположникот на македонскиот театар воопшто, кој исто така започнал како патувачки аматерски театар, и авторот на текстот Горан Стефановски кој по Чернодрински е најголемиот македонски драматург.“ – велат од НАТГ Аматер.

Додаваат дека јубилејот за нив има огромно значење, како аматери, вљубеници во театарот и уметноста која ја создаваат.

Упатуваат благодарност до сите оние кои во претходните 10 години на некој начин биле дел од оваа приказна, сите актери кои поминале низ претставите, сите луѓе кои биле зад завесите, техника, музика, светло, сценографија, шминка, сите оние кои на некаков начин ги поддржувале, целосната публика кои ги проследила нивните претстави и пријатели и нивните семејства!


„Сме го создавале театарот од љубов кон него и сме играле со љубов за него и ќе продолжиме тоа да го правиме.“ – порачуваат од Аматер.