Skip to main content

Реакција

МИСА:Не можеме да продаваме нешто што нема од каде да го набавиме, ниту можеме да го произведеме

Од МКБ МИСА реагираат „МИСА ги почитувала, ги почитува и ќе продолжи да ги почитува во иднина одлуките на владата, меѓутоа процесот на трговија не зависи само од трговците на мало, туку е ланец во кој учествуваат повеќе поврзани и зависни чинители.“
 |  инфодеск  | 
МКБ МИСА

Миса ланецот на супермаркети реагира на објавата во медиумите дека на компанијата и била изречена казна поради непочитување на одлуката на Владата за замрзнување на цените на овошје и зеленчук. Не е точно дека Миса маркети не го почитуваат ограничувањето на цените на одредени производи опфатени со владините мерки, децидни се од компанијата МКБ Миса.

Во реакцијата посочуваат дека во еден од нивните маркети бил извршен инспекциски надзор од пазарен инспекторат при што им била изречена глоба, но не затоа што продавале по повисоки цени од утврдените туку затоа што во моментот немале понуда на зелени пиперки и грав на рафтовите, производи кои се опфатени со владината мерка.
„Обезбедувањето на производите не зависи само од нас како малопродажба“, велат во реакцијата.
Потенцираат дека во континуитет работат посветено и напорно да ги набават сите производи во потребните количини, но тоа е условено од достапноста на истите на пазарот и од добавувачите.

„За конкретните производи за кои ни е изречена глоба, доставивме доказ дека маркетот извршил побарување од добавувачите. Но од добавувачите бевме известени дека не се во можност да ни ги достават затоа што таа роба не можат да ја набават од увозниците во бараните количини.
МКБ МИСА ги почитувала, ги почитува и ќе продолжи да ги почитува во иднина одлуките на владата, меѓутоа процесот на трговија не зависи само од трговците на мало, туку е ланец во кој учествуваат повеќе поврзани и зависни чинители. Ова појаснување го даваме за да се сфати дека ние не можеме да продаваме нешто што не го произведуваме, а ниту можеме да го набавиме“
– објаснуваат од МИСА.

Додаваат дека сите производи коишто ги имаат на залиха во магацин истите секогаш се наоѓаат и во продажба.

„Грижата за потребите на нашите потрошувачи ни е врвен приоритет во работењето и негуваме близок однос со заедницата. Сакаме да напомениме дека за време на Велигденските и Рамазанските празнувања МИСА вложи максимални напори да ги обезбеди сите производи по утврдените цени. “ додаваат од компанијата.

Со паушално пренесни изјави без прецизни и проверени информации се нанесува штета на нашиот бренд кој е препознаен од граѓаните во охридско – струшкиот регион по своите фер трговски практики, се вели во реакцијата од компанијата МКБ МИСА.