Skip to main content

Втора македонска фудбалска лига

Воска Спорт денес против Арсими за историски пласман во Прва лига

На стадионот „Билјанини Извори” во Охрид, лидерот Воска Спорт во 16 часот го пречекува Арсими, во 27 -то коло од Втората македонска фудбалска лига.
 |  инфодеск  | 
Воска спорт

Денес на стадионот „Билјанини Извори” во Охрид, лидерот Воска Спорт ќе биде домаќин на новајлијата Арсими, во 27 -то коло од Втората македонска фудбалска лига. За Воска ова е меч каде охриѓани со триумф ќе стават печат на историски влез во фудбалската елита на Македонија.

Воска Спорт игра перфектна сезона и на своето конто има 65 бодови собрани во 26 натпревари, на кои забележа 20 победи, пет ремија и само еден пораз. Според формата од последните пет натпревари, Воска Спорт има пет победи од исто толку одиграни натпревари и ја прави тим со најдобра форма.

Денес на „Билјанини Извори” улогата на апсолутен фаворит ќе ја има Воска Спорт, против Арсими, екипа која на последните пет наптревари има три победи и два последователни порази.

Во првото соочување одиграно на 12. ноември минатата година во Чегране, Воска Спорт со 1:2 беше подобра од Арсими.

Главен судија на натпреварот ќе биде Александар Василевски од Скопје, а негови помошници ќе бидат Дејан Димитријевиќ и Филип Николов, исто така од Скопје. За четврт судија на мечот е делегиран Бењамин Ќерими од Скопје.

Екипата на Охрид денес ќе гостува кај фаворитот Гостивар, во меч каде домашниот тим нема право на никаква грешка против охридскиот второлигаш.

Гостивар има само два бода повеќе од третопласираниот Вардар, па до крајот од сезоната Госитвар нема право на никаква грешка со цел да не го загуби второто место кое директно води во Прва лига.

Охрид игра во доста променлива форма, а во претходното коло конечно забележа триумф од 2:1 над Беса од Добри Дол. Претходно, Охрид последен пат имаше триумф на 1. април во меч против Борец, кој заврши со резултат од 2:0 за охриѓани.

Овие две екипи имаат 10 меѓусебни дуели, кои завршиле со три победи за Гостивар, две победи за Охрид, а пет средби заршиле без победник. Традицијата вели дека може да очекуваме три погодоци во Гостивар, со оглед на тоа што во овие десет натпревари, само два натпревари завршиле без погодоци, додека на останатите имало по минум два погодоци. Во натпревар одигран на 7. декември 2021 година, на „Билјанини Извори” паднале дури шест погодоци, кога Охрид со 4:2 бил подобар од Гостивар.

Главен судија на овој натпревар ќе биде Христијан Божиновски од Скопје, додека пак негови помошници ќе бидат Влатко Ѓошевски и Милан Петров, исто така од Скопје. За четврт судија е делегиран Слободан Боцевски од Скопје.

На останатите средби. Тетекс на домашен терен ќе игра против Пелистер, меч од големо значење и за двете екипи, Беласица на домашен терен ќе игра против Вардар, каде најтрофејниот македонски клуб нема право на грешка во Струмица, Слога игра меч кој значи евентуален бараж доколку дома го добие Кожуф, Беса ќе биде домаќин на Детонит Плачковица од Радовиш, а пак Каменица Саса на домашен терен ќе мора да ги добие трите бодови во мечот против веќе отпаднатиот Борец од Велес.

Сите натпревари ќе стартуваат во 16 часот.