Воска Спорт продолжува со победничката серија во Втората македонска фудбалска лига, а вчера на „Билјанини Извори” во меч од 27. коло забележа нова победа откако со 3:1 го доби Арсими од Чегране.
Воска Спорт ја имаше улогата на фаворит, а избраниците на Берат Имери истата ја оправдаа со сигурна победа за голема радост кај публиката и навивачите. Охриѓани одиграа квалитетен натпревар, особено офанзивно каде што Воска беше добро поставена, со креирање на одлични шанси за погодоци, а тоа резултираше ефективно со три погодоци во мрежата на противникот.
Арсими тргна одлично, креираше шанси, но домаќинот беше добро поставен во одбраната и не дозволуваше изненадување, па Воска Спорт започна со почетниот притисок кон противничкиот гол, по неколкуте одлични прилики кои придизвикаа возбуда кај публиката, Ардит Демири во 34. минута постигна гол за водство на Воска Спорт од 1:0. По постигнатиот гол, охриѓани брзо ја дуплираа предноста на 2:0, откако младиот голгетер Бехар Фета во 42. минута прецизно биеше кон голот на Вулнет Ислами, за голема радост кај верната публика.
Во вториот дел шанса добија и фудбалерите со помала минутажа, на теренот се гледаше квалитетот кај екипата на Воска Спорт, а до 3:0 домашниот тим стигна со втор гол на одличниот Фета.
Во последните минути домашниот тим се опушти, па тој момент го казни Арсими преку атрактивниот еврогол на Лорик Љика во 90. минута за конечни 3:1.
Тренерот на Воска Спорт, Берат Имери за телевизија ТВМ вели дека е задоволен од тоа како одиграле неговите фудбалери, додава дека фокусот сега е ставен на следното коло кога се игра Градското дерби против Охрид.
„Добар натпревар за нашата екипа заслужено освоени три бода, одигравме коректен натпревар, офанзивно бевме многу добро поставени, креиравме многу прилики за гол, три постигнавме, дефанзивно бевме многу добри до самиот финиш на играта, тоа е нормално бидејќи доаѓа до опуштање во последните минути каде што противникот нè казни. Ни остануваат уште три натпревари. Следниот е тежок натпревар, играме Градско дерби против едно добро организирана екипа како Охрид, треба да бидеме максимално подготвени за тој натпревар, тоа е Градско дерби, го респектираме Охрид како противник, но нашата цел се знае на секој натпревар одиме на три бодови и да се подготвуваме за тоа што го работевме цела сезона”, рече тренерот Имери за телевизија ТВМ.
Арсими за првпат се натпреварува во Втората македонска фудбалска лига, и бележи одлични резултати, клубот немаше проблем да го обезбеди опстанокот во второлигашкото друштво, а веќе се размислува за поголеми успеси за следната сезона.
Во изјава за телевизија ТВМ, тренерот на Арсими, вели дека квалитетот на противникот беше пресуден фактор за нивниот пораз, а на екипата на Воска Спорт им посака успеси кон остварување на целта, а тоа е историскиот пласман во фудбалската елита на Македонија.
„Денес имавме еден тежок натпревар игравме против лидерот на табелата, екипата на Воска, екипа што знаеме какви цели има, екипа која со многу труд е стигната до првото место на табелата и сака да влези во Прва лига. Ние знаевме дека имаме тежок противник и се трудевме да дојдеме до поволен резултат, но се гледа дека квалитетот е на нивна страна. Моите играчи дадоа се што можеа, но на крајот излезе дека Воска е поспремна екипа и затоа и победи. Од мое име, од името на моите играчи како и од името на управата им посакуваме успеси и на следните натпревари и да ја остварат нивната цел односно пласман во Прва лига”, рече Салиу во изјава за телевизија ТВМ.
Охрид забележа висок пораз на гостувањето кај фаворитот Гостивар, каде беше поразен со високи 3:0. Домашниот тим многу лесно стигна до трите бодови и ја одржува разликата од два бода во однос на Вардар.
Победата беше најавена по десет минути игра, откако Рамадани и Каланоски погодија за 2:0, а во вториот дел Крстевски постигна гол за конечни 3:0.