Кајакарење од Охридското Езеро, преку Црн Дрим до Глобочица
Кајакарење од Охридското Езеро, преку реката Црн Дрим до Глобочица и оваа сезона е главната туристичка атракција во струшко. Се повеќе туристи се заинтересирани за активен туризам. Кајакарат низ живописната природа запознавајќи го раскошот на најстарото езеро во Европа, клисурата на Дрим и потопеното село Глобочица.
Активистите велат потребна е поголема поддршка и промоција од страна на институциите, да се искористат сите потенцијали за развој на активен туризам.
„Докажано е и во светски рамки дека алтернативниот туризам обезбедува и поголем внес на капитал во општините во државите каде што се реализира, но кај нас се уште срамежливо се промовира од релевантните институции. Да вложат повеќе во овој туризам, бидејќи нема што да изгубат“, вели Коста Хиохи од кајакарскиот клуб Соларис Струга.
Кајакарската авантура по три водни басени е долга 14 километри, а плени со импресии.
„Покрај кајакарењето нудиме сега и едно сафари со моторни чамци во тој предел, понатаму хајк или спортска ориентација. Изненадени сме и ние минатата година имавме повеќе македонски туристи“, додава Хиохи.
Кајакарите ја раскажуваат приказната за свадбениот пат на јагулата, потопеното село Глобочица за потребите на хидроелектраната, кое до ден денес на 30 метри длабочина е подводен сведок за животот пред 1965 година.
Новинар Соња Рилковска