Продолжува масовна и безмилосна илегална сеча на шумата на Јабланица
Продолжува безмислосната илегална сеча на шумите на идниот национален парк Јабланица . Во изминативе месеци во атарите на селата Вишни, Радолишта, Франгово и Лабуништа, сечата добива на интензитет, реагираат до Редакцијата на ТВМ , од Месна заедница с. Вишни, Здруженијата на грѓани Св.Спаса Вишенска и Св.Атанасие од Вишни и Здружение за екологија и туризам Екотуризам 2016, Охрид.
„ Речиси и да нема педа од Јабланица во која не продреле шумските мафијаши. Шумската полиција е немоќна и не реагира, шумското стопанство одамна кренало раце, а највредните букови шуми исчезнуваат и се нанесува огромна штета на екосистемите и на државата.„ – реагираат здруженијата.
Тие во изминативе години испратиле бројни реакции и претставки до надлежното министерство за земјоделие, шумарство и водостопанство. Во 2020 г. Добиле одговор од Министерството за животна средина и просторно планирање дека шумско-културни работи ќе се изведуваат само во атарите од селата Радолишта и Франгово, според Посебниот план за стопанисување со шумите во ШСЕ Ќафасан – Јабланица во периодот од 2019 до 2028 год.
„И покрај тоа, речиси и да нема ден на патот Долна Белица – Вишни – Струга да не поминат натоварени камиони со бесправно исечени дрва. Ова уште повеќе што за интересот на малкумина страда цела Јабланица, во време на енергетска криза кога луѓето одвојуваат баснословни суми за легално да купат огрев.“ – велат од Екотуризам , МЗ и здруженијата од с Вишни.
Бараат сите надлежни органи ургентно да ја сопрат бесправната сеча и пустошењето на шумските екосистеми на Јабланица. Државата да ги заштити ретките природни богатства од неконтролираното искористување и уништување и да ја спречи заканата од ерозија на земјиштето.
„Доколку бесправната сеча не престане, секојдневно ги ќе стопираме со жива сила сите камиони кои пред наши очи пренесуваат бесправно исечени дрва на патот Долна Белица – Вишни – Струга. “– велат од Екотуризам , МЗ и здруженијата од с Вишни.
Иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк е од месните заедници и од невладиниот сектор и истата е прифатена од градоначалниците на општините Струга и Вевчани. Владата ја поддржа иницијативата за прогласување на Јабланица за национален парк во 2022 година. Екологистите и здруженијата апелираат да се ревидира и дополни во најбрз можен рок Студијата за валоризација на природните и социо-економските вредности, за да може да се забрза процедурата за прогласување на Јабланица за национален парк.