Ракометари на Охрид во недела на домашен терен во рамки на 12. коло од суперлигашкиот плеј-оф играат многу важен меч против Пролет.
Натпреварот добива на тежина со оглед на тоа што охридските ракометари се борат за освојување на четврото место на табелата кое води во еврокуповите.
Тинекс Пролет е на последното место на табелата со 6 освоени бодови, додека пак Охрид е на петото место со 12 бодови и ќе ја има улогата на фаворит.
Трката за четврото место Охрид ја води со екипата на Тиквеш која е токму на позицијата која води во еврокуповите со два бода повеќе во однос на охриѓани.
Ракометарот на Охрид, Хазеин Рустамов, вели дека шансата за Европа сè уште е отворена, а целта е победа во недела.
„Во недела нè очекува еден добар натпревар, кој што треба да се победи. Сè уште сме во игра за место во Европа. Се надевам ќе одиграме добро со Пролет и резултатот ќе биде во наша полза. Екипата е подготвена, концентрирани сме на целта. Ги поканувам сите љубители на ракометот да дојдат во сала и заедно да славиме победа”, вели Рустамов.
Натпреварот се игра во Спортската сала „Билјанини Извори” во Охрид со почеток од 18:30 часот. Судиска двојка ќе биде Ѓоко Колевски и Сашо Кркачев од Скопје, а делегат на мечот ќе биде стружанецот Славчо Каланоски.