МОН бара проценка на безбедносните ризици од ТикТок
Македонското министерство за образование ќе предложи на владина седница да се направи итна проценка на состојбите и безбедносните ризици кои се потхрануваат од одредени социјални мрежи како ТикТок.
Причина за тоа се случувањата во соседна Србија со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, информира Министерот за образование Јетон Шаќири.
„Земајќи ги предвид случувањата во соседна Србија, а со цел намалување на сите можни ризици и закани за безбедноста на учениците и наставниците во училишна средина, на Владата на Северна Македонија и безбедносните органи ќе им предложам итна проценка на состојбите и безбедносните ризици, кои што во голема мера се потхрануваат од одредени социјални мрежи, како ТикТок.“- вели Шаќири.
МОН изработува протоколи и насоки за стручните служби на училиштата и наставниците, за да се намалат ризиците.
„Ги повикувам сите наставници, како и родители, на поотворен дијалог, надминување на шокот и неверувањето, промоцијата на разбирањето и позитивните согледувања, со цел да се помогне на своето дете, како и на децата околу нас, бидејќи тие се најзагрозената категорија во моментот“, вели Шаќири.
Министерoт соопшти дека веќе се прават консултации со експертската заедница од повеќе институции и факултети, за дополнително зајакнување на превентивните програми за борба против булингот и промоција на ненасилството и дијалогот.