Skip to main content

Прва македонска фудбалска лига

Струга Трим Лум е новиот шампион на Македонија во Прва лига

Струга со 3:0 го доби Силекс, а благодарение на триумфот на Шкупи од 2:1 над Шкендија во дерби на Чаир, стружани на две кола до крајот станаа нови шампиони.
 |  инфодеск  | 
Струга Трим Лум шампион

Струга Трим Лум е нов шампион во Првата македонска фудбалска лига, откако „најмладиот” клуб по само осум години од своето формирање од Четврта лига стигна до шампион во „елитата” на Македонија.

Струга со 3:0 го доби Силекс, а благодарение на триумфот на Шкупи од 2:1 над Шкендија во дерби на Чаир, стружани на две кола до крајот станаа нови шампиони.

Најдобриот стрелец во историјата на Прва лига, но најдобар и во тековната сезона, Бесарт Ибраими во 41. минута го отвори резултатот за 1:0 на полувреме.

Во вториот дел Буњамин Шабани од пенал постигна гол за 2:0 во 49. минута, а половина час подоцна со втор гол Шабани обезбеди високи 3:0, а воедно тоа беше и конечниот исход.

Во градот покрај Охридското Езеро се славеше долго, секако тоа е голем историски успех за овој млад клуб, кој ќе игра квалификации во Лигата на шампионите, а како што најави новиот шампион на Македонија, овие натпревари ќе се играат на „Билјанини Извори” во Охрид.

Струга, исто така е и во големото финале од Купот на Македонија, каде ќе игра против бранителот на Куп-титулата, екипата на Македонија Ѓорче Петров. Доколку Струга го освои и Купот, тоа ќе биде историска двојна титула и ќе предизвика дополнителна фудбалска сензација.

Што се однесува до останатите натпревари, како што кажавме дербито на Чаир заврши со триумф за Шкупи од 2:1 над Шкендија, во Маџари на „Борис Трајковски” голеадата ја доби Работнички, кој со 5:4 беше подобар од штипска Брегалница, Академија Пандев загуби дома од Тиквеш со 1:4, по што тренерот на струмичани, Александар Васоски, си поднесе оставка, а пак Македонија Ѓорче Петров со високи 7:0 ја „уништи” испаднатата Победа.