Од денеска, во Србија, полициски патроли ќе бидат распоредени во близина на секое училиште. Засилено полициско присуство ќе има на сите јавни места каде што се собираат поголем број луѓе како трговските центри, парковите и на плоштадите.
Ова е една од мерките што ги најавија српските власти по двата крвави масакри што се случија во белградското основно училиште „Владислав Рибникар“ и во селата кај Младеновац и Смедерево, во кои беа убиени 17 лица, а над 20 се ранети.
Српското Министерство за внатрешни работи ја покрена и акцијата за предавање на нелегалното оружје кое го поседуваат граѓаните. Министерството ги повика граѓаните кои поседуваат нерегистрирано оружје од денеска до 8 јуни годинава да го предадат во најблиската полициска станица. Во тој период граѓаните кои ќе го предадат нерегистрираното оружје нема да одговараат ниту кривично ниту ќе сносат некакви последици и не мора да го докажуваат потеклото на оружјето.
Повикот се однесува на сите видови оружје, автоматско, како и секое друго оружје, минско експлозивни средства, делови за оружје и муниција.