Светската здравствена организација (СЗО) објави дека мајмунските сипаници повеќе не се глобална „итна здравствена состојба“, завршувајќи го речиси едногодишниот аларм поради вирусната болест чии случаи беа потврдени во повеќе од сто земји.
Организацијата во јули 2022 година ги прогласи мајмунските сипаници за меѓународна итна здравствена состојба. Тоа требаше да предизвика координиран меѓународен одговор и да ослободи ресурси за соработка во споделувањето вакцини и третман.
Повеќе од 87.000 случаи на мајмунски сипаници се потврдени ширум светот од почетокот на 2022 година до 8 мај оваа година, според најновиот извештај на СЗО.
Иако СЗО забележа постојан пад на бројот на пријавени случаи на почетокот на годината, таа исто така изрази загриженост за можното повторно заживување во некои региони и продолжување на пренесувањето во некои земји.