Вечерва финале на Евровизија: Кои се фаворитите според обложувалниците
Ливерпул е во еуфорија. Вечерва е финалето на музичкиот спектакл – Евросонг 2023.
Веднаш по претставувањето на песните, обложувалниците забележаа јасен фаворит. Тоа е пејачката Лорин, која ја претставува Шведска со нејзината песна Tattoo. Лорин претходно го однесе трофејот на Евровизија во 2012 година, а нејзината победничка песна Euphoria останува една од најпопуларните песни на натпреварот на сите времиња.
Кога станува збор за земјите од соседството, Хрватска, групата Let 3 со песната Mama ŠĆ е на 11 место, а Србија и нејзиниот претставник Лук Блек со песната Samo mi se spava се на 23 место.
На второ место е Финска претставена од Каарија со песната Ча Ча Ча, веднаш потоа Украина претставена од TVORCHI со песната Heart Of Steel.
Земјите на кои им беше загарантиран директен премин во финалето на Изборот за песна на Евровизија 2023 се Франција, Италија, Шпанија, Германија, Велика Британија, а годинава и Украина.
Домаќин на овогодинешниот Евросонг требаше да биде Украина, која лани победи во Торино, но поради руската инвазија беше оценето дека нема услови. Затоа организацијата беше доделена на Велика Британија, чиј претставник минатата година беше второпласиран.
Иако беше најавено, претседателот на Украина Володимир Зеленски нема да се обрати за време на финалната вечер на Евровизија. Европската радиодифузна унија (ЕБУ), организатор на Евровизија, одамна има став дека натпреварот не треба да биде политички обележан. Иако овогодинешниот настан ја одразуваше украинската култура, се чувствуваше дека обраќањето на Зеленски ќе биде спротивно на духот на настанот. Британскиот премиер Сунак кажа дека е разочаран од одлуката и дека на Зеленски требало да му се дозволи да зборува.
За потсетување, првата полуфинална вечер на 67. издание на Изборот за песна на Евровизија се одржа во вторник на 9 мај во Ливерпул, Велика Британија, а во финалето се пласираа 10 земји и тоа: Хрватска, Молдавија, Швајцарија, Финска, Чешка, Израел, Португалија, Шведска, Србија и Норвешка.
Албанија, Кипар, Естонија, Белгија, Австрија, Литванија, Полска, Австралија, Ерменија и Словенија се пласираа во финалето на Изборот за песна на Евровизија 2023 година на втората полуфинална вечер одржана на 11 мај.