Струга Трим Лум го подигна шампионскиот пехар во историската сезонa
Струга Трим Лум со триумф над Шкупи (2:1) во дербито од последното коло во Првата македонска фудбалска лига ја затвори успешната сезона и сега се насочува кон финалето од Купот на Македонија.
Струга го подигна шампионскиот пехар во историската сезона, а стружани може да направат нова историја доколку го освојат и Купот на Македонија што за нив ќе биде прва историска титула.
Во дербито меѓу новиот и ланскиот шампион, чаирчани први стигнаа до водство со голот на Сандеј во 29. минута за 0:1 на полувреме. Во вториот дел Марјан Радевски во 51. минута израмни на 1:1, а најдобриот стрелец Бесарт Ибраими во 85. минута погоди за конечни 2:1 и голема радост кај навивачите на Струга.
По завршувањето на натпреварот Струга го подигна историскиот пехар, а сега мислите на стружани се во големото финале и подигање на Куп-трофејот.
На останатите натпревари од последното коло, Академија Пандев и Силекс ремизираа играјќи 2:2, Брегалница го доби Скопје на гостински терен со 1:2, Работнички загуби од Шкендија со 1:2, а пак Победа со високи 1:4 загуби од Тиквеш и се збогуваше од Прва лига.
Прволигашот Скопје и второлигашот Вардар ќе играат бараж меч за пополнување на последното слободно место во Прва лига за следната сезона.