„Книговез“, успешна семејна занаетчиска приказна
Старите занаети му се спротивставуваат на новото време, а убавината, душата, вредноста и уникатноста на производите кои на купувачите им ги носат, се нешто кое тешко може да се замени со производ одбран од било каков каталог и излезен од било колку голем производствен погон. Повеќе од две децении во нашиов град, Драган и неговата сопруга Биљана Георгиевски, во нивниот дуќан и наследен семеен бизнис „Книговез“ изработуваат ексклузивни корици, бележници од најразлични материјали. Користат кожа, платно, тапет, книгопласт споени во уникатни вредни производи со восочни и кожни конци, метални додатоци, нитни и токи, а се тоа изработено само рачно. Охриѓани многу добро ја знаат неговата работилница и производите, а од година во година се поголем е бројот и на туристи кои сакаат да поседуваат барем еден ваков вреден предмет.
„Во различни периоди се бараат различни производи. Сме почнале од едни производи, сега правиме сосема други производи или слични на постоечките во помала мерка. Меѓутоа, од година во година се менуваат барањата, така да, она што најмногу се бара, можеби се тоа бележниците и некои приврзоци“, објаснува Драган Георгиевски – Книговез.
Она што загрижува е фактот дека од година во година се потешка станува набавката на материјалите кои им се потребни за работа. Особено кожата како репроматеријал, бидејќи се поретки се трговците од кои ја купувавме кожата, вели Драган. Занаетите се применета уметност. Бараат вештина, знаење и трпеливост. И покрај современите технологии и трендови, ретките семејни бизниси останаа верни на духот на занаетите кои ги продолжија, со примена на новини, но и понатаму со целосно рачна изработка. Потребна е голема доза на љубов, покрај вештината и знаењето, но потребен е и духовен мир, за да се добие саканиот производ, вели Драган.
„Искрено најголем дел од времето ми одзема како да се склопат боите на материјалите, со боите на конецот, со бојата на кожата. Има купувачи кои сакаат подискретни производи, а некои сакаат да се со поинтензивни бои“, вели Драган Георгиевски – Книговез.
Една од поинтересните активности кои исто така се спроведуваат во дуќанот е организирање на работилници за посетителите. Секој од посетителите може да си одбере кожа, конец, да си направи модел и да учествува во процесот на изработка. Со тоа ќе има уникатен производ. За работилниците се заинтересирани повеќе странците кои сакаат да научат нешто ново. Во светот, искуствениот туризам е многу популарен. Луѓето кои патуваат не бараат само хотели и плажи, тие сакаат да научат нешто ново, да искусат нешто ново. Тоа може да го најдат во работилницата „Книговез“.
„Работилниците се пред се од забавен каракетер, но и од едукативен карактер. Започавме со работилниците од 2014 година, така да, оваа година веќе е десетта година како им ги нудиме на сите оние кои сакаат да се забавуваат и да си поминат убаво. Во работилниците се изработуваат бележници со тврд повез. Се е скроено, сошиено, а практикантот треба да изработи тврда корица и да го залепи самиот книжен блок со корицата“, ќе рече Драган Георгиевски – Книговез.
Оваа успешна занаетчиска приказна, која е семејно наследство започнала на 15 мај 1979 година во Битола, кога родителите на Драган отвориле приватна работилница која била книговезница и печатница. Се наоѓала во централното подрачје во близина на Безистенот. Таткото, Наум Георгиевски кој бил графички инженер, работејќи во познати битолски печатници се решил на еден храбар чекор, заедно со сопругата да отворат приватна работилница. Драган како дете го почувствувл мирисот на хартијата и старите книги. И тоа чувство, останало и прераснало во трајна љубов. Драган се надева дека барем еден од неговите синови ќе ја продолжи традицијата на Книговез.