Важноста од редовните гинеколошки прегледи
Огромна е потребата од подигање на светста кај младите девојчиња и кај родителите за потребата и важноста од редовните гинеколошки прегледи. Гинеколозите велат дека не може веќе да чекаат пациентките да им се обратат, туку дека треба да се надминат бариерите и стигмите и самите лекари да допрат до своите пациентки. Секоја индивидуа има право на сексуално и репродуктивно здравје, велат експертите. Мора да направиме опкружување каде фертилитетот ќе биде посакуван, а жените да имаат право да носат одлуки кои се однесуваат на нивното тело, за тоа кога ќе раѓаат, колку деца ќе раѓаат. Важни се достапноста, прифатливоста и квалитетот на здравствените услуги. За жал во 21 век во нашата држава, постојат групи на пациенти кои немаат подеднаков пристап до гинеколошко-акушерски услуги.
„Практично да овозможиме една инклузија на сите кои не се свесни од потребата за редовни гинеколошки прегледи. Има подобрување, но има уште потреба да биде крената свесноста на повисоко ниво. Фертилитетот ни паѓа, младите жени се решаваат да родат многу покасно од порано и се тоа не носи до ред други активности кои не чекаат во наредниот период“, – вели Доц.Др Ана Данева Маркова, – шеф на катедрата по гинекологија и акушерство.
ХПВ вакцината ја спречува појавата на рак на грло на матка, но загрижува и малиот опфат на вакцинација во земјава за оваа вакцина. Причина за ваквата состојба е тоа што ја следи една стигма, особено во регионот, затоа што се воведува во релативно рана возраст. Според Календарот за имунизација се аплицира до 12 години, кај нас е на 12 до 15 години и тогаш родителите, уште не размислуваат дека треба во тој период да ги заштитат своите девојчиња од сексуално пренослива болест како што е ХПВ, која најчесто така се пренесува. Ситуацијата е речиси иста и во нашето соседство, вели Проф. Др. Оливера Контиќ Вучиниќ – Медицински факултет Белград Србија.
„Слободно можеме да кажеме дека не е свеста на доволно високо ниво. За жал, таа едукација започнува од детството. Младите луѓе мора да добијат подобра едукација за тоа кога треба да започнат со сексуални односи. Мислам дека младите генерации апсолутно немаат доволно развиена свест по ова прашање, што е најверојатно наша грешка, и на образовниот систем, и на родителите. Нема доволно развиена свест за потребата да бидат заштитени, и за тоа какви се потенцијалните и животните последици од инфекциите, не само од ХПВ, туку и од други инфективни агенси“, – потенцира Проф. Др. Оливера Контиќ Вучиниќ – Медицински факултет Белград Србија.
Викендов во Охрид се одржа петтиот меѓународен конгрес на гинеколози и опстетричари посветен на Светската недела на женското здравје. Организатор на конгресот е Македонската асоцијација на гинеколози и опстетричари – МАГО во соработка со Македонското лекарско друштво.