Во општина Дебрца ќе започне со работа мобилната амбуланта во која се нудат бесплатни гинеколошки прегледи за жените од населените места од општината, со цел превенција од рак на грлото на матката.
Се известуваат сите жени на територијата на општина Дебрца, кои сакаат да извршат бесплатен гинеколошки преглед, вклучувајќи и ПАП тест, да се обратат или да се пријават на тел. број 046 286 855 во општина Дебрца или на тел. број 070 315 309 и 046 261 909, во Општинската организација на Црвен крст Охрид за закажување на термин.
Пријавувањето да се изврши најдоцна до 25 Мај 2023 година.
Мобилната амбуланта започнува со работа на крајот на месец Мај 2023 година, а пријавените дополнитено ќе бидат известени за датум и време на одржување на прегледите.
Прегледите ќе се извршуваат на две локации во општина Дебрца и тоа с. Белчишта и с. Требеништа.
Со работата на мобилната амбуланта треба да се зголеми бројот на жени од ранливите групи и од руралните и оддалечените места кои ќе направат бесплатни гинеколошки прегледи и да се подигне свеста за важноста од редовни скрининзи. Прегледите се најдобра заштита од рак на грлото на матката.
Контролите ги вршат гинеколози од Универзитетската клиника за гинекологија и акушерство и повеќе болници во државата.
Работата на мобилните амбуланти е овозможена со поддршка на Министерството за здравство, Македонската асоцијација на гинеколози и опстетичари – МАГО, Македонското лекарско друштво, Црвениот крст и УНФПА – Фондот за население на Обединетите нации.