Вечерва во ЦК “Григор Прличев“ во Охрид свечено беше отворено годинешното издание на детскиот музички фестивал „Распеано рибарче“ што се одржува по 24-ти пат, а под покровителство на градоначалникот, Кирил Пецаков.
Во негово име пред присутните се обрати советничката во Советот на Општина Охрид, Билјана Тодева – Стојаноска.
„Нема поубаво чувство и поголема радост да се биде меѓу распеани дечиња кои со возбуда и трепет го чекаат својот настап. Нема поубав рај за душа и очи да се гледаат настапите и изведбите на нашите најмили кои вечерва се вистински уметници. Фестивалот „Распеано рибарче “ е единствен настан во градов на кој децата го покажуваат својот талент за пеење и музика. Годинава ќе бидат изведени 20 композиции преку кои сите ние заедно ќе навлеземе во розовиот и чист детски Свет, а поубаво од тоа нема. Во оваа прилика упатувам благодарност до организаторите за беспрекорната организација, а градоначалникот Кирил Пецаков и локалната власт како покровители и во иднина ќе го поддржуваме ова прекрасно фестивалско случување. На младите музички таленти, на овие прекрасни наши деца им посакувам успешни настапи со желба да победи најдобриот во најдобрите.“ – рече Тодева – Стојаноска.
Претходно, вчера и денес најновото фестивалско издание го проследија учениците од охридските основни училишта.