Според министерот за земјоделие концесијата за риболов на Охридско Езеро не се коси со УНЕСКО
Наспроти реакциите на еколозите, министерот за земјоделие смета дека издавањето на Охридското Езеро под концесија не се коси со препораките на УНЕСКО. Според него, концесијата за стопански риболов ќе придонесе за поголема заштита на рибниот фонд, ќе воведе ред и контрола. Ќе се намали рибокрадството и ќе се води грижа за изловувањето на ендемичните риби.
„Сметам напротив секоја концесија става ред, ако сакаме нешто да заштитиме, ако се грижиме за животната средина , ако се грижиме за рибите , ако сакаме да ја спречиме сивата економија и да владее законот тогаш треба да има концесија. Тие што сметаат дека не треба да има концесија очигледно застапуваат други интереси, јас го застапувам законот”, изјави министерот за земјоделство Љупчо Николоски.
Еколозите велат доделување на концесија за риболов е контрадикторна одлука и се коси со Стратешкиот план за рехабилитација на Охридскиот регион. Во него јасно стои дека има забрана за риблов на ендемичните видови риби, кои со години се на работ на исчезнување.
„Унеско односно Планот за управување со Охридското Езеро таму не е предвидено да се даде концесија, додека се уште немаме добри податоци и стабилзација на популацијата од охридска пастрмка”, вели Ѓоко Зороски екологист.
Струшката фирма „Еко свест” ја доби концесијата за стопански риболов на Охридското Езеро. Според министерот на електронското наддавање се постигнала рекордна цена од 25 милиони денари, одлуката за избор моментално е во владина постапка.
Новинар Соња Рилковска