ГРК Охрид денес во „Билјанини Извори” во рамки на претпоследното коло од плеј-офот на Супер лигата ќе ги одмери силите против фаворитот Еурофарм Пелистер, натпревар кој за охридските ракометари ќе биде последен на домашен терен.
Клучен и важен натпревар и за двете екипи. Битолчани важат за фаворити и бодовите им се повеќе од потребни со цел да го сочуваат врвот од табелата и по скоро две децении да ја вратат шампионската титула во ракометна Битола. Од друга страна, Охрид на овој натпревар оди по значајни бодови на патот кон Европа.
Ракометарот на Охрид, Крсте Андоновски, вели дека ако одиграат уште еден натпревар на кој одбраната повторно ќе биде на високо ниво, смета дека може да дојдат до значајни бодови против фаворитот од Битола.
„Ни претстои натпревар на кој може многу да добиеме, а речиси ништо да не изгубиме бидејќи, Еурофарм Пелистер е апсолутен фаворит кој игра за освојување на шампионската титула. Ако одиграме уште еден натпревар на кој одбраната повторно ќе биде на високо ниво, сметам дека и ние имаме шанси да дојдеме до значајни бодови“, вели Андоновски.
Сепак, важниот и клучен натпревар за Охрид следува во последното коло против Бутел во Скопје, каде доколку Охрид забележи триумф и ги освои трите бодови речиси сигурно ќе го освои 4. место и ќе излезе во ракометна Европа, со оглед на тоа што сега моментално четвртопласираниот Тиквеш, има потежок распоред на овие два натпревар, веќе во оваа коло игра со Вардар, а во последното коло против Еурофарм Пелистер, па излезот во Европа на Охрид зависи од самиот себе.
Натпреварот Охрид – Еурофарм Пелистер стартува вечерва во 20 часот, а судиска двојка на мечот ќе биде Димитар Георгиевски и Дејан Георгиевски од Скопје, а пак делегат ќе биде Драган Начевски, исто така од Скопје.