Руското Министерство за одбрана потврди дека е „ослободен“ стратешкиот град Бахмут, по што рускиот претседател Владимир Путин им честитал на паравоената организација Вагнер и на припадниците на руските вооружени сили за заземањето на тој украински град.
Украинскиот претседател Володимир Зеленски, во Хирошима пред состанокот со американскиот претседател Џо Бајден на прашањето дали украинските сили сè уште даваат отпор во Бахмут или дали Русија го зазеде градот, ја потврди загубата на Бахмут, велејќи дека градот „сè уште е во нашите срца денес“. А потоа додаде: „Морате да разберете дека таму веќе нема ништо“.
„Владимир Путин им честита на јуришните одреди Вагнер, како и на сите војници на единиците на руските вооружени сили, кои им ја дадоа потребната поддршка и крило заштита, завршувањето на операцијата за ослободување на Артјомовск (Бахмут)“, се вели во соопштението на Кремљ, јави агенцијата РИА Новости.
Русија вчера објави дека го освоила целиот украински град Бахмут, што, доколку се потврди, ќе го означи крајот на најдолгата и најкрвавата битка од 15-месечната војна.
Рускиот претседател Владимир Путин им честиташе на војниците за заземањето на градот, велејќи дека најзаслужните ќе бидат наградени, пренесоа руските агенции.
Заземањето на Бахмут, кој Русите го нарекуваат Артјомовск уште од советската ера, би значело прва голема руска победа во битка која трае повеќе од 10 месеци.