Да научиме колку е значајно Белчишко блато и да го зачуваме
Едно од најголемите и најзначајните блата во земјава, „Белчишкото блато“ е идентификувано како едно од потенцијалните „Натура 2000“ подрачја. Станува збор за најголемата мрежа на заштитени подрачја во светот, која е клучна алатка за зачувување на природните живеалишта и растителните и животинските видови и птици кои се од интерес за зачувување, објасни Министерката за животна средина и просторно планирање, Каја Шукова. Ќе се изработи промотивен материјал и ќе се спроведе кампања за да бидеме доволно и соодветно запознаени со тоа каква природна реткост поседуваме и како треба да се однесуваме кон неа, рече Шукова.
„Белчишко Блато“ е едно од најголемите и најзначајните блата во земјава, поради различните типови на блатни живеалишта, особено поплавената „Евлова шума“. Белчишко блато е дел од националната мрежа „Емералд“ и потенцијално подрачје за „Натура 2000“ мрежата. Блатото, со изворите и евловата шума е живеалиште за бројни енддемични и други видови.“ – кажа министерката.
ЕУ директивата за живеалишта и птици е основен правен механизам за воспоставување на Европската еколошка мрежа „Натура 2000“. Евроамбасадорот Дејвид Гир, зборувајќи на Македонски, рече дека ваквите проекти се резултат на заложбите и активностите на европските екологисти стари повеќе од 30 години, за зачувување на ваквите ретки подрачја, што подоцна прераснаа во „Натура 2000“ мрежата.
„На овој ден се фокусираме на животната средина која е клучна за благосостојбата на планетата земја и за сите нас.“ – изјави Дејвид Гир – шеф делегација ЕУ.
Во држава богата со многу вакви природни драгоцености, потребна е заедничка акција на Министерството за животна средина, локалните власти, невладините организации, жителите и медиумите, за нивна заштита, посочи еворамбасадорот.
Ѓоко Зороски од граѓанската организација „Екотуризам“ објасни повеќе во врска локалитетот Белчишко Блато како потенцијална Натура 2000 област.
„Изминативе 5-6 години ова е наша канцеларија. Вршиме систематско истражување на сите видови организми кои живеат и наидовме на големо богатство од птици, влекачи и водоземци, застапени во огромен процент. Што е доволно теоретски да снабдува еден град со околу 400.000 жители односно после Св. Наумските извори, Белчишкото Блато е второ по големина извориште во Охридскиот регион.“ – изјави Зороски.
На предлог на МЖСПП, владата ја донесе одлуката за погласување на „Белчишкото Блато“ за заштитено подрачје во категорија Парк на природата. Ќе се одржи јавна расправа, а потоа одлуката треба да добие законска рамка за да биде предложена пред владата и собранието на конечно усвојување, истакна Градоначалникот на Општина Дебрца, Зоран Ногачески.
„Нашата визија е од една страна да се обезбеди целосна заштита на „Белчишкото блато“, меѓутоа да се обезбеди и негово одржливо управување и негово користење. Целта и на „Натура 2000“ е да постои една симбиоза меѓу човекот и природата, не значи дека ако го заштитме блатото, дека тука престануваат секакви економски активности, целта е блатото во иднина да стане атрактивна еко-туристичка дестинација.“ – изјави градоначалникот Ногачески.
Денешните активности се во рамките на реализација на проектот финансиран од Европската Унија „Подобрување на капацитетите за Натура 2000 и CITES”. Корисник на проектот е Министерството за животна средина и просторно планирање, а го спроведува НИРАС со партнерите.