Skip to main content

Ден на сесловенските просветители

Македонија ги слави светите рамноапостоли Кирил и Методиј, втемелувачи на словенската писменост и култура

Државната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е напладне на Плаошник. Централната свеченост на Општина Охрид ќе започне со полагање свежо цвеќе пред монументалниот споменик на Св. Кирил и Методиј на плоштад и доделување награди за најдобрите ученици.
 |  инфодеск  | 
Св Кирил и Методиј

 Денеска во Македонија се одбележува Денот на сесловенските просветители светите браќа Кирил и Методиј, кои се основоположници на словенската писменост и литература и се заслужни за културниот развој на сите словенски народи. Поради нивните заслуги за христијанството Светата црква ги прогласила за рамни на апостолите.

Државната централна свеченост по повод празникот се одржува во Охрид под мотото „Писмото е нашиот универзум“ . Чествувањата започнаа синоќа со концерт во црквата Св. Софија. Денеска, во хотел „Инекс Олгица“ ќе се одржи панел дискусија „Македонскиот јазик во словенскиот свет” на која воведен збор ќе има премиерот Димитар Ковачевски, по што ќе биде положено цвеќе пред споменикот на светите Кирил и Методиј на плоштадот во Охрид. Централната свеченост по повод одбележувањето на 24 Мај – Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј, е напладне на Плаошник.

Општина Охрид чествувањата ги започнува денеска со панихида и фолклорен концерт во Дом на култура  „Св.Кирил и Методиј“- Кошишта. Централната свеченост ќе започне со полагање свежо цвеќе пред монументалниот споменик на Св. Кирил и Методиј на плоштад, по што на пладне ќе бидат доделени награди за најдобрите ученици од општинските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари.

Вечерва во црквата Св Софија со почеток во 19 часот че се одржи пригодна свеченост „Уметниците во чест на светите браќа Кирил и Методиј“ со Концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во класата на м-р Даниел Чуркоски и младата охридска пијанистка Викторија Митеска; Беседа за свети Кирил и Методиј- прод.д-р Димитар Пандев и изложба на фотографии „Охрид во духот на средниот век“ од Славчо Малезанов.

Свети Кирил и Методиј – фреска Св Јован Бигорски

Светите Кирил и Методиј родени се во Солун, во семејство на висок византиски службеник.Татко им Лев бил помошник на командантот на Солунската област, а мајка им Марија потекнувала од угледна фамилија. За двајцата браќа најважна е Моравската мисија, којашто е важна и за иднината на сите Словени. Иницијатива за оваа мисија дал моравскиот кнез Ростислав кој за да ја стабилизира својата држава на политички план преземал мерки за решавање на црковното прашање. За организација на црквата во својата земја тој побарал помош од Византија. Замолил да му испратат луѓе кои божјото слово ќе го проповедаат на разбирлив словенски јазик. Барал и епископ кој би ја организирал црквата да стане самостојна во однос на Рим. Но, и Византија имала свој интерес па во тоа време на заострување на односите во самата христијанска црква, а за да не дојде до натамошен раскол, му испратиле само учители мисионери, а не и епископ. Тие мисионери биле Кирил и Методиј. Тогаш Словените немале букви, така што Кирил морал да состави и азбука и да ги преведе неопходните книги на словенски јазик. За составување на оваа прва словенска азбука (глаголицата), за првите преводи од грчки на словенски јазик Кирил го искористил јазикот на македонските Словени од Солун и околината. Кирил починал во Рим на 27/14 февруари 869 година и денес неговите мошти почиваат во римската црква „Свети Климент“. Методиј починал на 19/6 април 885 година и бил погребан во моравската престолнина Велеград. По смртта на Методиј неговите ученици останале без заштита. На Горазд му се губи трагата, некои од учениците биле продадени како робови, други протерани на југ. Светите Климент и Наум делото на своите учители го продолжиле на брегот на Охридското Езеро во древниот град Охрид.

Во согласност со Законот за празниците во земјава, 24 Мај – Денот на сесловенските просветители браќата Кирил и Методиј е државен празник и неработен ден за сите граѓани.