Пецаков: Нашите ученици се наша гордост и Кирилометодиеви следбеници
Со полагање свежо цвеќе пред споменикот на Св. Кирил и Методиј на плоштадот,од страна на делегации од општината, училиштата и други установи и институции, Општина Охрид ги започна чествувањата на Денот на сесловенските просветители светите Кирил и Методиј.
На најдобрите ученици од општинските основни и средни училишта кои постигнале значајни резултати на регионални, државни и меѓународни натпревари градоначалникот Кирил Пецаков, заменик-градоначалникот Перчо Божиновски, секретарот на општината Александар Китески и раководителот на Секторот за образование Димитар Спасески им доделија пригодни подароци за успехот.
„Нашите ученици кои покажале најдобри резултати на државни, меѓународни и регионални натпревари, се едни од Кирилометодиевите следбеници. Тие се нашата гордост, нашите идни водичи, лидери на кои останува светот. Од срце им честитам за постигнатите успеси и им посакувам, понатака да ги дофатат сите височини кои се пред нив. Тоа се деца кои сфатиле дека знаењето е богатство кое не може да се украде од единката, кое не може да се избрише со гума, или да избледи. Затоа деца, учете, тоа ќе ви даде таква сила со која ќе можете да поместите се што ќе наумите. Никогаш не престанувајте да учите, затоа што животот, никогаш нема да престане да ви биде учител. Ние како Локална власт ќе го поддржуваме секој ваш успех, и ќе работиме на создавање услови за реализација на секој ваш добар проект, зошто само така може да градиме напредно општество.“ – истакна во своето обраќање пред присутните , градоначалникот Пецаков.
Вечерва во црквата Св Софија со почеток во 19 часот че се одржи пригодна свеченост „Уметниците во чест на светите браќа Кирил и Методиј“ со Концерт на учениците од ОМУ „Методи Патче“ во класата на м-р Даниел Чуркоски и младата охридска пијанистка Викторија Митеска; Беседа за свети Кирил и Методиј- прод.д-р Димитар Пандев и изложба на фотографии „Охрид во духот на средниот век“ од Славчо Малезанов.