„Храбро срце“ со години чека ослободување од партиципација
Националното здружение „Храбро срце“ со години добива ветување за ослободување од партиципација на пациентите со механичка поддршка на срце. Се менуваат министри, а досега не е исполнето ветеното.
Од здружението велат, после долги напори и преговори, пациентите добиле резервни батерии, кои требало да бидат бесплатни, но и нив ги платиле.
„Оние кои сменаа две батерии платија двесте евра. Исто така за каблите кои што се поврзани со нашите уреди во нашето тело кои се неопходни се веќе оштетени. Се работи за години користење на истито кабел кој не можеш да го промениш сам. И тие кажаа дека ќе ги менуваат а сега не ги менуваат тешко оди“, вели Васко Јолески претседател на Националното здружение „Храбро срце“.
Дел од пациентите со механичка поддршка на срце, чекаат трансплантација на срце, но доколку се најде соодветен донор, поради спецификата на болеста, државата треба да обезбеди итен превоз на стручни лица од странство.
„Жалосно е да пропаѓаат органи кои што се на дофат, значи ги има , ама не се врши трансплантација затоа што нема сроден донор, а кај нас има ама нема доволно логистика за да се изврши операцијата. Додека се тапка во место, многу животи можеа да бидат продолжени и поквалитетно да живеат“, додава Јолески.
Врзани со механичка пумпа 24 часа, овие луѓе се комплетно зависни од напојување, батериите, каблите и струјата, значат живот. Петнаесетина пациенти во државата се секојдневно изложени на ваков животозагрозувачки ризик, а трошоците за лекување им се превисоки.
Новинар Соња Рилковска