Skip to main content

Највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО

Во државава загрижувачки многу се пушат цигари

Половина од возрасното население пуши и по една кутија цигари на ден.
 |  инфодеск  | 
пушење

Пушењето и употребата на тутун во нашата држава е на загрижувачки високо ниво, покажуваат резултатите од направените студии за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот. Половина од населението секојдневно консумира цигари и производи од тутун. 70% од нив започнале да пушат на возраст до 21 година. Пушачите, просечно пушат по 18 цигари на ден – скоро една кутија. Република Северна Македонија е една од земјите со највисока преваленца на пушење тутун во европскиот регион на СЗО.

Денеска се одржа национална презентација на резултатите добиени од Студиите за бихевиоралните и културолошки аспекти за употребата и откажување од тутунот, како и на статусот со инвестициите во тутунот во земјава.

„Студии од овој тип по првпат се спроведуваат на национално ниво и служат за планирање на идните стратегиски чекори, како и за подигнување на јавната свест во правец на зајакнување на националните активности за контрола на употреба на тутунот и тутунските производи.“- кажа Министерот за здравство Фатмир Меџити.

Со оглед на тоа дека употребата на тутун е меѓу главните фактори за морбидитетот и морталитетот од незаразни болести, неопходно е планирање и преземање активни мерки за намалување на консумирањето тутун и тутунски производи.

„Со нашите партнери разгледуваме креирање нови, специфични активности во насока на поддршка на спроведувањето на Рамковната конвенција за контрола на тутунот, врз основа на ставовите на здравствените работници и на населението“ кажа Меџити.

Денешниот настан е организиран во пресрет на 31 Мај – Светскиот ден без тутун.