Комуналец и Нискоградба добија модерни возила за подобри услуги за граѓаните
ЈП „Охридски комуналец“ и ЈП „Нискоградба“ добија современи возила – трактори од најновата генерација на мешовитата компанија „Солис Јанмар“ кои се опремени со дополнителна механизација за вршење на комунални теренски активности. Со новата опрема ќе се подобрат услугите на овие јавни претпријатија. Новата опрема е набавена во рамки на регионалниот проект „Јакнење на капацитетите на ЈКП преку набавка на опрема“ кој Општина Охрид го реализира во партнерство со Центарот за развој на Југозападниот плански регион.
Градоначалникот Кирил Пецаков информираше дека вкупната вредност на набавената опрема е 3,2 милиони денари, при што еден дел од средствата се обезбедени преку Програмата за регионален развој на Бирото за регионален развој, а значаен дел на средства се обезбедени и од страна на Општина Охрид.
„ЈП „Нискоградба“ од денес поквалитетно ќе ја врши услугата за чистење на канализационата мрежа и за таа намена покрај тракторот набавена е најсовремена цистерна за фекалии со носивост од 6000 l. За ЈП „Охридски комуналец“ набавен е трактор со плуг со ширина од 2,5 m за чистење на една коловозна лента и соларка од 1200 l со современи хидраулични решенија за ефикасно справување во услови на врнежи на снег и појава на голомразица. Наскоро очекуваме да биде испорачана опрема и за ЈП „Водовод“, истакна градоначалникот Пецаков во изјава за медиумите.
Тој упати благодарност до Центарот за развој на ЈЗПР за досегашната соработка и за успешно реализирање на сите проекти на територијата на Општина Охрид.
„Во насока на она што денеска го добивме и го сработивме заедно со Југозападниот плански регион, имаме набавено веќе булдожер за чистење на депонијата Буково, којшто изминатите 20 години се набавуваше преку тендерска постапка и една година чинеше толку колку што ние го набавивме тој булдожер и веќе од оваа година ЈП Комуналец нема повеќе тендери за чистење на депонијата, туку самото претпријатие си ја одржува депонијата, а со тоа заштедивме огромни средства кои изминатите години се трошеа, кажа градоначалникот Пецаков.
Во тек е постапка за набавка на багер за ЈП Нискоградба, кој директно го набавува Општина Охрид, а наскоро се очекува опрема да добие и ЈП Водовод, информираше градоначалникот Пецаков.
Мирјана Лозаноска од Центарот за управување со Југозападниот плански регион информираше дека покрај овој проект за Јакнење на капацитетите на јавните комунални претпријатија, во охридско-струшкиот регион реализираат и други 3 проекти:
„Реконструкција правиме во ЈЗУ Кардиологија Охрид, Нефрологија – Струга, исто така имаме дополнителна опрема за болницата св.Еразмо. Значи, базенот пред неколку години го реконструиравме, сега набавуваме опрема 2 галвански кади, 1 хидрауличен лифти апарат за крио терапија и мала опрема за соблекувалната.“ информираше Мирјана Лозаноска од Центарот за управување со Југозападниот плански регион.
Лозаноска потенцира дека овие проекти се реализираат од донаторски средства со комбинирани извори на финансирање од Швајцарска агенција и министерството за локална самоуправа.