ФК Воска спорт официјално ги започна подготовките за сезоната 2023/24 во Првата македонска фудбалска лига, во која екипата ќе се натпреварува за прв пат во својата историја.
Заврши паузата за фудбалерите кои вчера го одржаа првиот тренинг со новиот стратег Миљан Радовиќ. На првиот собир што го повика црногорецот имаше и 4 нови засилувања Фатих Исмаили, Никола Стијеповиќ, Алекса Марушиќ и Никола Шаркоски. Во наредните денови од клубот најавуваат нови имиња да се приклучат на тимот.
Познати се сите учесници во Првата македонска фудбалска лига за следната сезона. Покрај новајлијата во елитата Воска Спорт, ќе се натпреваруваат уште 11 екипи или вкупно 12.
Струга Трим Лум, Шкупи, Шкендија, Силекс, Брегалница, Македонија Ѓорче Петров, Работнички, Тиквеш и Академија Пандев се екипите од веќе изминатата сезона, Гостивар е повратник во „елитата” по повеќе од една деценија, а пак најтрофејниот македонски клуб Вардар по две години преку баражот се врати во Првата лига, дополнително и Воска Спорт, која за првпат ќе игра во прволигашкото друштво.
Вообичаено новата сезона од Првата лига започнува во вториот викенд од месец август.