ТАВ Македонија, аеродромскиот оператор, денеска на Аеродромот Свети Апостол Павле Охрид ги пречека првите патници од Манчестер и од Лондон (Гетвик), со што го означи отворањето на овие две нови сезонски авиолинии на британски ТУИ.
Почнувајќи од денес, 31-ви мај, охридскиот аеродром Св. Апостол Павле ќе служи како врска за редовни сезонски летови меѓу Манчестер и Лондон (Гетвик), и прекрасниот град Охрид. На летовите ќе лета британската компанија TUI UK.
Директните воздушни врски што ги обезбедуваат овие чартер-летови ја елиминираат потребата за повеќекратни чекања меѓу транзитни или трансфери летови кои одземаат многу време, нудејќи им на британските патници беспрекорно и практично искуство на патување покрај волшебното Охридско Езеро.
„Возбудени сме што можеме да го објавиме почетокот на новите сезонски летови, што ги поврзуваат Манчестер и Лондон со аеродромот во Охрид, а на кои летаTUI UK. Како ТАВ, среќни сме што им посакуваме добредојде напатниците на овие нови рути. Со двете нови дестинации од Велика Британија до Охрид ќе се подобрат опциите за патување и ќе отворат можности за странските туристи да ја истражуваат неверојатната убавина и богатото културно наследство на живописниот Охрид. Охрид долго време се смета за скриен скапоцен камен, кој нуди волшебен спој на природни чуда и историски знаменитости. Со воведувањето на овие чартер-летови од Манчестер и Лондон, имаме за цел да ја направиме оваа извонредна дестинација лесно достапна, давајќи им можност на нашите гости да го откријат Стариот град кој што е на листата на УНЕСКО, да ги посетат античките манастири и цркви и да се нурнат во локалната традиција и топлото гостопримство. Ги покануваме патниците од Манчестер и Лондон, и пошироко, да тргнат на незаборавно патување во Охрид, градот кој нуди по нешто посебно за секого. Со посветеност да обезбеди одлични аеродромски услуги, ТАВ Македонија преку Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, се стреми да ги подобри искуствата од патувањето, да го промовира туризмот и да го поддржи регионалниот развој.“ – изјави Неџат Курт, генерален директор на ТАВ Македонија.Новововедените сезонски летови од Манчестер и Лондон ќе сообраќаат со по 1 неделен лет, во периодот од 31-ви мај до 20-ти септември, аTUI UK ќе лета со Боинг 737-800, со капацитет од 189 седишта.
Како што велат од ТАВ Македонија, околу 6.000 британски патници се очекува да пристигнат во Охрид од овие две нови дестинации во текот на летната сезона.
„Северна Македонија е помалку позната дестинација за туристите во Обединетото Кралство, но тоа почнува да се менува, а TUI се уверени дека штом нашите клиенти ќе се вратат дома, ќе се прошири и распространи информацијата на пријателите и семејството за и самите да ја искусат оваа единствена дестинација. Ќе испраќаме два лета неделно до охридскиот аеродром за време на летната сезона, и од Манчестер и од Лондон Гетвик, давајќи им одличен избор на клиентите во северниот и јужниот дел на Обединетото Кралство.“ – изјави Крис Логан, Извршен директор на ТУИ Велика Британија за скијање, езера и планини.
Патниците можат да ги резервираат своите авиобилети за овие возбудливи нови чартер летови преку веб-страницата на TUI и ќе имаат можност да го приспособат своето патување според нивните преференции и да го искористат максимумот од нивната посета на Охрид.
ТАВ Македонија го заврши првиот квартал од 2023 година (јануари-април) со 753.377 патници на двата аеродрома, Меѓународниот Аеродром Скопје и Аеродромот Св. Апостол Павле Охрид, што е за 44% зголемување во однос на истиот период од 2022 година и зголемување од 9% во однос на 2019 година. која се смета за референтна година во воздухопловството, со оглед на кризата со Ковид-19. Во истиот период, јануари-април 2023 година, бројот на летови на двата македонски аеродрома изнесува 6.010 со годишен пораст од 35% и 4% зголемување во однос на 2019 година.