Skip to main content

Случај Пендиков

Одложено рочиштето за случајот за физичкиот напад врз Христијан Пендиков

Причина за одложување на рочиштето е новиот доказ против обвинетиот Илија Спасевски, кој обвинителството го достави до судот. Одбраната побара повеќе време за проучување на доказот, но откако судијата тоа не го дозволи, адвокатите на обвинетиот ја напуштија салата.
 |  Голабовски Крсте  | 
судење пендиков

Само што започна, беше прекинато денешното рочиште за случајот со претепувањето на Христијан Пендиков. Инаку, ова е второ рочиште од главната расправа во судскиот процес за тепачката што се случи на 19-ти јануари во угостителски објект на кејот на Охридското Езеро, во која повреден беше Христијан Пендиков, секретар на сега згаснатиот бугарски културен клуб „Цар Борис III“ во Охрид. Одбраната на обвинетиот Илија Спасески го напушти судењето откако не и беше усвоено барањето за одлагање на рочиштето со цел таа да се запознае со новото судско вештачење кое обвинителството го приложи на судот.

„Побарав согласно законот одлагање, бидејќи се доставија нови докази, ново дополнение на вештачење, во никој случај како сериозен адвокат не можам да се согласам да отпочне сослушување во поглед на кривично-правниот настан, а да не знам што стои во тоа дополнително вештачење на медицинското вештачење.“- изјави Димитрија Цобоски -адвокат на обвинетиот.

Адвокатот на Христијан  Пендиков, Стефан Камишевски смета дека од процесен аспект одбраната има право да побара одлагање, бидејќи имало дополнување на медицинското вештачење. Лекувањето, посочи, се уште трае и медицинската документација беше доставена подоцна. Тој потврди дека постои уште еден напаѓач на Пендиков, што се гледало и на снимката која беше изведена како доказ во судот.

„Точно, постои уште еден напаѓач, дури и на самата снимка која беше изведена како доказ на претходното рочиште, тука во судот, беше евидентно дека се две лица кои го тепаат оштетениот.“ – изјави Камишевски.

Адвокатот Камишевски објасни дека стекнувањето на Пендиков со Бугарско државјанство, започнувало со поднесувањето на барањето.

„Точно е стекнато во постапката, но државјанството во Република Бугарија, како и во република Македонија и во било која друга држава, е уредено со закон и постои постапка. Таа постапка, генерално секогаш започнува со барање од оној кој бара да му биде даден прием во државјанство на соодветна држава, така што барањето е претходно поднесено во Република Бугарија“- кажа Камишевски.

Се огласи и Пендиков, кој пред новинарите кажа дека не се плаши, но дека не е пријатно чувството што секојдневно добива закани.

„Сега сум подобар. Имам сеуште прегледи што ми следуваат, поради тоа што имам два пукнати пршлени. Се надевам дека ќе можам да патувам на 12 јули, сакам да го оставарам своето право и треба да се соработува со судот.“ – кажа Пендиков.

Судијата Бојан Мартиноски на денешното рочиште побара да сведочат вешти лица од областа на медицината и информатички технологии, како и тројца сведоци, но тие искази ќе дадат на следното рочиште кое е закажано за 12 јули.

Првообвинетиот Илија Спасески, кој се товари за кривично дело „напад од омраза со тешки повреди“, на предходното рочиште кажа дека го разбира обвинението, но не се чувствува виновен.