Skip to main content

не смееме да дозволиме пчелите да ги снема

(видео) Едукативен проект „Пчела на цвет – за сите деца мед“ во ОУ „Григор Прличев“

Eдукативен и креативен проект по повод  1 јуни – Меѓународниот ден на детето и  месец мај – месецот на пчеларството.
 |  инфодеск  | 
Пчели ОУ Григор прличев

ОУ „Григор Прличев“ во боите на најблагородниот инсект на планетата, пчелката. Најмалите Прличевци со  едукативен и креативен проект насловен „Пчела на цвет – за сите деца мед“  го  одбележаа  1 јуни – Меѓународниот ден на детето и го испратија  месец мај – месецот на пчеларството.

Преку едукативниот проект  Прличевци   се запознаа со животот и вредноста на пчелите.  Гости им беа од Пчеларското здружение Охрид.  Пчеларот Ице Китанчев за учениците одржа интересно предавање за значењето и одгледувањето на пчелите и вредноста на нејзините производи. Учениците имаа можност да видат како изгледаа рамка со живи пчели на неа, пчеличен восок, саќе, мед и други медни производи.

Во разговор со пчеларот децата имаа и интересни прашања: „Дали пчелата има срце? Дали јаде мед? Дали е таа паметна бидејќи јаде мед? Дали се вредни и машките пчели? Зошто пчелите касаат? ….се само дел од прашањата од уминте глави на малите прличевци.  Секое дете доби и подарок медче.

„Пчелите се најстарите жители на планетата Земја. Живеат на неа повеќе од 30милиони години. Медоносната пчела е најважниот опрашувач во природата. Инспирирани токму од големината на нејзиното постоење, загрижени за нејзиното исчезнување и уништување, испраќаме порака дека не смееме да дозволиме пчелите да ги снема“ – порачаа Прличевци.

Учениците, најмалите првачиња имаа подготвено културно уметничка програма и облечени како вредните пчелички и пчелари го направија овој настан уште повпечатлив.

Преку едукативниот проект учениците ја сфатија мислата на Алберт Ајнштајн кои рекол дека Ако не постојат пчелите, на планетава ќе има живот уште само четири дена.

Проектот „Пчела на цвет – за сите деца мед“  е реализиран од наставничкиот кадар, Советот на родители во соработка со Пчеларското Здружение од Охрид.