Skip to main content

Спорт

По седми пат „Охрид трчаТ“

Седмо издание на најмасовната и најголема спортска манифестација кај нас, атлетскиот викенд „Охрид трчаТ 2023“.
 |  Голабовски Крсте  | 
Охрид трчаТ 2023

1930 учесници од 28 држави се само дел од импозантните бројки со кои годинава, може да се пофали најголемата спортска манифестација кај нас, атлетскиот викенд „Охрид Трчат 2023“. Од 02-04 јуни во уникатниот амбиент низ улиците на древниот Охрид, љубителите на спортот ќе може да ги совладаат спортските подвизи кои си ги поставиле, да се дружат и најважно од се да уживаат во убавините на градот. Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков, кој и самиот ќе учествува со стартниот пакет „1“, вели дека оваа манифестација е предвесник за успешната туристичка сезона која ни претстои. Вети дека и во иднина локалната самоуправа во рамки на своите можности ќе го поддржи ова спортско случување.

„Овој настан самиот по себе претставува најава за претстојаната летна туристичка сезона. Странските учесници на настанот одблиску ќе го запознаат Охрид и неговата убавина, изобилството на културни и историски знаменитости. Верувам дека поради тоа, покрај настанот „Охрид трчаТ“ ќе не посетуваат и во текот на турстичката сезона и во текот на целата година“, се надева – Кирил Пецаков – Градоначалник Општина Охрид.

Годинава на „Охрид трчаТ” ќе учествуваат рекорден број натпреварувачи во трките на 5 и 21 километар, во индивидуална конкуренција и штафета. За нив ќе се погрижат над 250 волонтери од разни профили, помагатели и спортски професионалци, кои интензивно работат организацијата на настанот и овој пат да биде на највисоко ниво, што е препознатлив белег на „Охрид трчаТ”. Растот и развојот на манифестацијата е благодарение на помошта од локалната самоуправа, истакна Иван Цевткоски од организациониот одбор на манифестацијата. Особено е горд што годинава 46% од учесниците на полумаратонската трка се странци.

„Нас како организација ни е императив, се она што го организираме да го организираме надвор од туристичката сезона, за да можеме уште повеќе да го зголемиме бенефитот за охридската заедница. Им благодариме на целата заедница, на сите институции локални за се ова да изгледа вака и да го организираме на светско ниво“ вели – Иван Цветкоски – О.О. „Охрид трчаТ 2023“.

Главниот настан е во недела кога ќе се одржат предвидените три трки, на 21 км, штафетниот полумаратон и трката на 5 км во натпреварувачка конкуренција. Почетокот е закажан во 08:30ч.и во 08:35ч. за трката на 5 км. Ќе се трча на старата патека од пред две години, на најубавите локации во градот. Кејот „Македонија“, улиците „Партизанска“, „Димитар Влахов“, Булеварот „Туристичка“, „Илинденска“ во стариот дел на Охрид, како и патеката до хотелот Инекс Олгица, времено ќе бидат затворени за сообраќај.

„Би апелирал до граѓаните, дел од улиците ќе бидат затворени од 08:00-11:30 мин, да се воздржат со излегување со своите автомобили. Секогаш постојат алтернативни места каде може да ги остават своите автомобили доколку имаат потреба. Да ги поддржиме тркачите, да направиме во недела во Охрид да биде фестивал на спортот„, – апелира Јоне Станкоски – О.О. „Охрид трчаТ 2023“.

Во сабота ќе се одржи панел дискусија, на која, учество ќе земат претставници на етаблирани маратони од регионот и Европа. Оваа манифестација може слободно да стои рамо до рамо со спортските манифестации од ваков ранг во регионов, истакна претседателот на белградскиот маратон, Дарко Хабуш.

„Не се разликува многу во се она што ние заеднички го правиме. Главната поента е тоа што сакаме да се споиме. Да направиме една убава регионална спортска соработка, да направиме една варијанта која тркачите од земјите од регионов ќе ја посетуваат, како од Охрид и од Белград, така и од другите градови од регионот. Спортот е тој кој ги поврзува луѓето и градовите, единственито вистински начин кој треба да се избере за да живееме здраво и за да можеме да ги научиме децата за вистинските вредности“, кажа Дарко Хабуш – претседател на Белградскиот атлетски маратон.

Експото кое денес започнува ќе продолжи и во сабота. Попладнето од 18 часот предвидено е загревање со „Стречвел Србија”, како увертира во ноќната трка на 2 километри која стартува во 20 часот, по што следи забава.Наградите за првите три места во машка и женска конкуренција се 300, 200 и 100 евра.