Расте бројот на жени заболени од рак на дојка во земјава
Во последниве години забележително расте бројот на жени заболени од карцином на дојка. Во 2018 година имало 750, а годинава бројот е 1100 дијагностицирани пациенти. Не се јасни причините, но се претпоставува дека тоа се должи на повеќе фактори, загадениот воздух, стресот, алкохол, пушење и генетиката.
Ракот на дојка не познава возраст и претставува голем ризик за сите жени. Најмладата пациентка со дијагностициран рак на дојка во земјава е 21 годишна девојка.
„Нас ни се случува пет до шест пациентки годишно се дијагностицираат со почетен стадиум на карционом на дојка. Одолговлекуваат или не доаѓаат на време на контрола, или не бараат помош почнувајќи од матичен доктор, па и друга инстанца во смисол дијагностика кај радиолог за ехо или мамографија, консултација со онколог или хирург “, вели д-р Илир Вела, хирург.
Лекарите велат во земјава ја има најсовремената терапија, која е многу скапа, едно лекување чини десетици илјади евра, но за пациентите со здравствено осигурување е бесплатна.
„На нашата клиника ја имаме најсоодветната таргетирана терапија, биолошка или имунотерапија, Верувајте тоа е најсовремена терапија во светот, само што во светот чини многу пари, и потребно е да имате специфично осигурување. Кај нас е потребно да си наш државјанин и да се има здравствено осигурување, се е бесплатно”-вели онкологот д-р Илир Исмаили .
Според онколозите за успешно лекување клучно е навремено откривање на болеста, преку редовните прегледи, ултразвук, скрининг и мамографија, кои се препорачуваат на сите жени после 25-тата година.
Новинар Соња Рилковска