Бобан Кочески од ОЕМУЦ победи на #CtrlZ предизвикот на Фондацијата Метаморфозис
Бобан Кочески, ученик во ОЕМУЦ „Св. Наум Охридски“ – Охрид е победник на #CtrlZ предизвикот за млади – видео-конкурс на тема „образование“ што го распиша Фондацијата Метаморфозис.
Право на учество на конкурсот имаа сите млади лица на возраст од 14 до 29 години. Учесниците требаше да создадат кратко видео поврзано со темата „образование“ во кое ќе претстават одреден проблем од основното, средното или високото образование. Пристигнатите видеа ги оценуваше комисија која најмногу ги вреднуваше идејата, креативноста при изработката и силината на пораката на содржините.
Според гласовите на комисијата, првото место на видео-конкурсот го освои авторот Бобан Кочески за своето видео во кое се зборува за важноста од зачувување на менталното здравје кај учениците поради притисокот со кој тие се соочуваат за време на учењето.
„Успехот не смее да го жртвува нашето ментално здравје. Треба да се грижиме за себе и за својата благосостојба пред сè друго, без да се споредуваме со другите. Ова е особено важно за младите кои се изложени на притисок и очекувања во училиштата и на работните места“, се вели во првонаграденото видео.
Кочески ќе добие ваучер за ИТ опрема во износ од 15.000 денари.
#CtrlZ предизвикот за млади беше дел од проектот „Веродостојни вести за оспособена младина“ што Фондацијата Метаморфозис го спроведуваше со финансиска поддршка од Британската амбасада во Скопје.
извор: Мета.мк