„Сергеј е многу глупав”- Охридски народен театар ги руши театарските стереотипи
„Сергеј е многу глупав” е новата театарска претстава на Народен театар Охрид која ќе ја има својата премиерна изведба во петок на 9-ти јуни. Станува збор за праизведба во Македонија на текстот на Дмитриј Данилов, едно од најзначајните имиња на современата руска книжевност.
Животот на еден актуелен современ лик, компјутерски програмер, одеднаш се претвора во егзистенцијална ситуација кога курири–доставувачи, неочекувано доаѓаат кај Сергеј и уште од прагот соопштуваат дека имаат намера да поминат точно еден час со него, по што ќе му дадат пратка со непозната содржина. Од овој момент па натаму, започнува надреалистично шоу кое го вовлекува гледачот во динамична игра во која дијалозите и хероите ги рушат сите очекувани театарски стереотипи и во која крајот за гледачите е целосно непредвидлив, вели режисерката Дејана Николовска, на која ова и е трета соработка со охридскиот театар.
„Куририте се обидуваат да му пренесат една порака, едно потсетување да му дадат за тоа кој е вистинскиот начин на кој животот треба да се живее во ситуација кога тој се наоѓа во една комфорт зона, кога се му е во ред и тој не ја бара многу длабоко смислата на животот. Впрочем како многумина од нас кои го живееме животот по инерција. Токму таа инерција ние сакаме да ја помрднеме и се надеваме дека кај гледачите ќе испровоцираме прашања.“ – кажа на денешната прес конференција режисерката Дејана Николовска.
Актерот Никола Тодороски го толкува главниот лик во претставата. Сергеј е модерен архетип на човек кој според актуелните општествени стандарди успеал во животот и западнал во комоција, но еден убав ден работите драстично ќе се променат.
„Додека работевме овие месец и кусур дена за нас како екипа беше огромно освежување за што јавно сакам да и се заблагодарам на Дејана и целиот тим.
Мислам дека оваа претстава ќе предизвика прашање кај публиката „ Ако Сергеј е глупав тогаш какви сме ние? “- кажа Тодороски.
Стрезо Стаматовски, Горан Стојаноски и Филип Кипровски ги играат куририте во претставата, ликот на Маша го толкува Елизабета Стефановска. Стојаноски за актерската постава ќе каже дека
тоа е екипа која може да направи претстава и од телефонски именик, а камоли од прекрасен текст како овој на Данилов.
„Ние се занимаваме со ветерот во човекот, со невидливото во него, но сепак многу конкретно, со содржините на човекот, со содржината на неговата душа од емоции до свест и ум и го доведуваме тоа до ситуација да биде комично, затоа што сметавме дека на таков начин една таква материја би допрела многу добро до душичките на нашите гледачи.
Силно ги охрабрувам сите наши љубители на театарот да ја погледнат оваа претстава затоа што е доста необична, а од друга страна е доста интересна и задржува внимание пар екселанс„- кажа Стојаноски.
„ Дејана дојде со еден текст којшто ни даде многу за што да размислуваме. Уште од првата проба не можевме да дочекаме да го дочитаме текстот и да видиме за што се работи и верувам дека и публиката во петок исто така нема да може да дочека да види што всушност сакаме да кажеме со претставата. “ – рече актерот Филип Кипровски.
Публиката во оваа претстава ќе има можност да ги види своите омилени актери во едно сосема поинакво светло и нивната игра ќе дојде целосно до израз на една сцена на која преовладува минимализам, за што се погрижи сценографот и костимограф Енес Деари.
Премиерата на „Сергеј е многу глупав“ е закажна за во петок, 9-ти јуни , во 20 часот. Влезниците се пуштени во продажба. Погледнете ја претставата и можеби ќе си одговорите на прашањата „Што би направиле вие на местото на Сергеј? Дали би ја отвориле пратката?“.