Градоначалникот на Охрид, Кирил Пецаков денеска оствари средба со парламентарна делегација од економскиот совет при чешкиот парламент. Делегацијата беше составена од претседателот Михал Кортиш и членовите Ондреј Фебер, Мирослав Плевни и Ростислав Костил. Дел од делегацијата беа и амбасадорот на Република Чешка во Македонија, Н.Е. Јарослав Лудва и конзулот на Република Чешка, Давид Чернохорски. Во склоп на делгацијата беше и претставникот на стопанскиот сектор од Чешка, Михал Вит.
“Разговаравме за продлабочување на соработката на повеќе полиња и пренесувања на искуствата. Особено драго ми беше што сите членови на парламентарната делегација претходно обавувале градоначалнички функции.“ – вели Пецаков.
На средбата беше потпишан меморандум за соработка помеѓу Општина Охрид и компанијата „Смарт ФинТехнологиес“.
„Со меморандумот се опфаќа соработка во понатамошниот развој на „Касарна Хаб“, овозможување пријатна бизнис клима за чешките компании, поддршка во економскиот развој, заедничка поддршка за иновативни бизнис идеи во рамки на „Касарна Хаб“ и поддршка во активирањето на локалната бизнис заедница. “ – информира градоначалникот.
Со меморандумот предвидена е и размена на искуства помеѓу охридските компании и компаниите од Чешка. Меморандумот е конкретен чекор во продлабочувањето на соработката со Република Чешка.