Skip to main content

28 – ма седница на Совет на Општина Охрид

Советот на Општина Охрид изгласа ребаланс на буџетот

Буџетските приходи се зголемуваат за 44 милиони денари. Советниците се осврнаа на програмите кои со ребалансот претрпеа измени односно како локалната власт планира да ги троши средствата.
 |  инфодеск  | 
Седница на Совет

Советот на Општина Охрид на денешната 28-ма седница усвои измени и дополнувања на буџетот за 2023 година. Со ребалансот се зголемуваат средствата во буџетот за околу 44 мил. денари во најголем дел поради зголемување на приходите по основ на продажба на неизградено градежно земјиште и приходи од данок на додадена вредност.

Ако се земе предвид намалувањето на средства во ставката приходи од данок на промет од 40 до 50 мил денари , ќе се добие реалната слика за приходите на општината, посочи координаторката на пратеничката група на СДСМ , Живка Ангелоска.
Во поглед на тоа како локалната власт предлага да бидат распределини по програми средствата за кои се зголемува приходната страна на буџетот, советничката посочи дека очигледно е зголемувањето во програмата за спорт и рекреација за 6 мил. денари, но не за капитални инвестиции туку за трансфери кон спортски клубови. Во програмата за заштита на животна средина нема средства за субвенционирање на инвертер клими, но затоа има повеќе средства за фестивалот на виното, рече Ангелоска.


„Во однос на развојната програма за уредување градежно земјиште има намалување во предвидените средства од 32 мил денари од кои 12 милиони денари кои беа наменети за плоштадот Крушевска република и 20 милиони намалување за изградба на фекалната канализација за селата Горно и Долно Лакочереј. За плоштадот ни беше објаснето дека се должи на стабилизација на цените во државата и се очекува да бидат пониски цени на материјалите и услугите, а во однос на фекалната канализација ни беше кажано дека ќе се реализира но намалувањето е поради учество во финансирањето по основ на проект и на централната власт.“ – кажа Ангелоска.

Во програмата за уредување градежно земјиште за 2023 има зголемување за 21 милион ден. но најголем дел од тоа, 16 мил ден. се средства кои ќе бидат извршени од жиро сметката на општината по основ на побарувања од доверители, посочи Ангелоска.
Има зголемување на средствата за системи за водоснабдување за 7 мил денари, иако пред два месеци истите беа намалени на 3,5 мил денари. Треба да има зголемување на овие средства ако се земе превид проблемот со загубата на вода која во Охрид изнесува над 80%, но зошто толку брзо се менуваат одлуките, праша Ангелоска.

Тони Иваноски од Секторот за општи работи кажа дека констатацијата за ставката за водоснабдителни системи е точна и објасна зошто сега се предвидени повеќе средства.

„Морам да објаснам дека не се работи само за нови дополнителни работи туку и во тоа конто ни се одземени одреден износ на средства. Со оглед дека имаме распишано јавни набавки и склучено договори средствата кои ни беа на располагање ако не ги зголемевме за тие 7 мил денари не ќе можевме да ги исплатиме обврските по склучените договори.“ – кажа Иваноски.

Со ребалансот се обезбедуваат повеќе средства за промоција на македонското природно и културно наследство истакна координаторот на ВМРО ДПМНЕ, Перчо Божиновски. Ги посочи Меѓународниот семинар за македонски јазик , литература и култура и проектите „Охрид и околината од високо“ и „Охридски бисерни препеви“. Во делот на здравствена и социјална заштита се зголемуваат средствата за субвенционирање на трошоци за комунални услуги и за поддршка на Дневниот Центар „Зраци“, а во програмата за одржување урбана опрема повеќе пари за санација на детски игралишта, издвои советникот.

„Доколку ги разгледаме подетално подставките во овој ребаланс ќе видиме дека има зголемен акцент на уредување градежно земјиште-капитални трошоци, поттикнување на развојот на туризмот, капитални расходи за урбана опрема,културни манифестации и творештво, спорт и рекреација , капитални расходи средно образование, унапредување на здравствената заштита, противпожарна заштита и тоа е доказ дека станува збор за ребаланс и активности кои се во интерес на граѓаните.“ – кажа Божиновски.

Советникот од ВМРО-НП, Ванчо Костоски изнесе забелешка за измените на програмата за енергетска ефикасност од која се кратат средствата за изработка на основен проект за гасификација во износ од 400 000 денари, во услови кога Општината веќе има изработени физибилити студии за енергетска ефикасност и Студија за гасификација на општинската зграда и неколку училишта.

„Ние мора да изработиме основен проект. Без него не може општината да аплицира за средства за финансирање. Тој е продуктивен проект, ќе се намалат трошоците на училиштата за нафта за греење и уште поважно е заштитата на животната средина. Ако ништо друго ќе направиме имиџ на општина која прва во регионов направила мини гасификација на одредени објекти. “ – кажа Костоски.

Тони Иваноски од Секторот за општи работи кажа дека направена е проценка на цената на чинење на тој основен проект и според неа пазарната вредност би изнесувала 25 000 евра што значи предвидените средства не самно што не се доволни, туку има уште една фаза која ќе треба да се доработи.

„По изработка на Физибилити студијата, Охрид како значаен град во државата, треба да направи и елаборат за заштита на животната средина односно проценка на ризик од загадување на средината од функционирање на таков систем. Тој елаборат не е многу скап околу 60 000 денари ио по изработка на тој елаборат, што би траело од 2 до 3 месеци,заедно со процедурите за јавни набавки, ќе пристапиме кон обезбедување на основен проект.“ – рече Иваноски.

Дневниот ред на денешната седница беше надополнет со Предлог одлука за измена на одлуката за начинот и постапката за регулирање на паркирањето во рамки на градежна парцела со употреба на механизирани паркинг системи, која беше усвоена.