Расте интересот за средно стручно образование. Согласно потребите на пазарот на трудот учениците се повеќе се одлучуваат за стручно квалификување. Во угостителското училиште „Ванчо Питошески“ во Охрид за учебната 2023/2024 година се оечкува да се запишат повеќе ученици од лани.
Денес тоа се најдефицитарните кадри во земјава. Учениците покрај теорија имаат и пракса настава во хотелско угостителските објекти каде стекнуваат вештини и знаења за професионален развој.
„Оваа година училиштето како и минатата година запишува ученици од угостителско туристичката струка и тоа во тригодишно и четиригодишно образование. Ги имаме профилите келнер, готвач, кои што се дуални паралелки, а од четиригодишно образование запишуваме угостителски техничар, угостителски техничар за рурален туризам, хотелско туристички техничар и техничар за настани и анимации. Тоа се профили со четиригодишно образование“, вели Марјан Радески директор на стручното училиште.
Ако во минатото келнер и кувар беа неплатени и неценети професии, денес сликата е сосема поинаква. Тоа се најбараните профили во земјава но и во регионот, а веќе се и платени.
„Сите сме сведоци дека последните години во регионот има голем недостаток на кадар во туристичко угостителскиот сектор. Готвачите, келнерите го добиваат своето место на пазарот на трудот и се надевам дека во иднина ќе станат уште поценети и побарани како кадри и ние како училиште придонеусваме во тој развој за унапредување на туризмот, со пласирање на што поголем број на работна сила која ќе ги задоволи потребите на стопанството“, додава Радески.
Регионалниот центар за угостителство и туризам „Ванчо Питошески“ во Охрид има и сопствен ученички дом каде за учениците има бесплатно сместување и храна.
„Го имаме и ученичкиот дом кој што располага со 120 кревети , каде што учениците може да престојуваат користејќи ги услугите на домот и тоа бесплатно во однос на сместување и храна три оброци, со воспитувачи кои што се грижат за учениците постојано. Тоа е една голема предност“, појаснува Радески.
Регионалниот центар за угостителство и туризам „Ванчо Питошески“ добива комплетно нов современ изглед. Завршува реконструкцијата на ученичкиот дом, а продолжува реконструкцијата и на училиштето. Нов покрив, дограма, фасада, столарија, внатрешно уредување на кабинетите со нова најсовремена опрема.
Новинар Соња Рилковска