Во просториите на Општина Охрид, денес, беше промовирана збирката поезија која е создадена од учениците од основните и средните училишта во Охрид. Насловот на оваа книга е „Тие Доаѓаат“, а издавач е Општина Охрид.
Книгата е поделена во два дела и тоа прв дел се песните од учениците од основно училиште, додека вториот е резервиран за учениците од средните училишта. Збирката вкупно брои 55 песни, од кои 43 се од основците, а 12 од средните училишта.
Во име на Општина Охрид присутните ги поздрави заменик градоначалникот Перчо Божиновски.
„Чест и задоволство е да се присуствува на овој прекрасен културен настан по повод промоција на втората книга „Тие доаѓаат“, откако првата ја виде светлината на денот во 2006 година. Станува збор за збирка поезија во која ценетиот поет и професор, Славе Ѓорго – Димоски на 90-ина страници по свој избор ги смести поетските творби на 55 млади творци од охридските основни и средни училишта. Меѓу кориците на книгата расеани се никулците кои се фатиле во костец со јазикот, кои ќе продолжат да ја разгоруваат јазичната искра и ќе го развиорат духовниот оган на македонскиот јазик. Зошто како што ќе рече ценетиот Блаже Конески Јазикот е единствена наша татковина. Се додека го чуваме, го негуваме, го вардиме, го гледаме јазикот наш македонски – ќе можеме да сметаме дека ја имаме и татковината. Како куќа, како дом, како огниште. Издавач на книгата е градоначалникот на Охрид,Кирил Пецаков кој секогаш застанува и ги поддржува проектите во кои се вклучени талентирани деца на кои останува ова општество. А авторите на прекрасните поетски творби се токму нашите паметни дечиња кои затропале на триумфалната порта на литературата, бидејќи влегувањето низ неа бара многу мака, обврски, откажувања, предизвици. На сите нив им посакувам успеси понатака, да ги дофатат сите височини во творештвото, секогаш негувајќи го нашиот мајчин македонски јазик којшто е основен белег, генетски код на се она што е македонско. Да сте ми живи и здрави и уште многу вакви убави настани да бидат повод за нашите наредни средби, истакна заменик градоначлникт во своето обраќање.
Промотор на книгата беше Славе Ѓорго Димоски, а главен и одговорен уредник е Митре Велјаноски. Тиражот на изданието брои 200 книги.
Инаку, ова е втора книга „Тие Доаѓаат“, а првата беше објавенa во 2006 година.